Промотер

„Македонска селска гајда“ е орото – првенче на Петар Ангелевски (ВИДЕО)

„Македонска селска гајда“ е орото – првенче на Петар Ангелевски (ВИДЕО)

„Македонска селска гајда“ е насловот на првото оро на младиот гајдаџија Петар Ангелевски. Во демирхисарскиот крај тој неодамна снимаше видео за неговото првенче, во соработка со „ИН продукција“.

22-годишниот музичар, родум од демирхисарското дело Стругово, ја негува гајдата од 14-годишна возраст. Покрај овој традиционален дувачки инструмент, Петар изучува зурла и кларинет. Тој веќе долги години е играорец и член на КУД „Илинден“ – Битола и имал можност да се запознае со повеќе дувачки инструменти, но вели дека од сите нив најмногу ја засакал гајдата.

„Јас сум играорец веќе 10 години, но кога ќе те влечи нешто одвнатре не можеш да го одбиеш. Покрај сите дувачки инструменти најмногу ме влечеше гајдата, баш сакав да ја научам и сè уште ја учам“, изјави Ангелевски, кој е студент на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на Катедрата за етнокореологија, отсек за народни инструменти, народно пеење и играње.

Младиот гајдаџија откри дека пред извесно време си набавил и зурла, која ја изучува во моментов, а има и кларинет. „Во моментов се учам да свирам на зурлата која ја купив од Љубен Јуртоски од Прилеп, кој е добар мајстор и од кого ја купив и гајдата. Пред неколку месеци зедов и кларинет, па се трудам некако да ги совладам тие дувачки инструменти“, додава Петар.

1IMG_1786

„Орото е мое авторско дело, додека за аранжманот се погрижи познатиот хармоникаш, Златко Миладиноски. Видеото се снимаше на повеќе локации во демирхисарскиот крај.  Се снимаше во село Слоештица кај валајцати, значи тоа е прекрасно место каде што порано се переле веленца, како што ги викаат постарите. Старата куќа која се наоѓа на тоа место ќе се реновира и ќе се отвори како ресторан. Втората локација беше во една стара куќа во селото Сопотница. Таму имав помош од КУД Илинден-Битола, голема благодарност до нив, јас сум член и таму, додека третата локација беше кај манастирот Св. Атанасиј во селото Сопотница“истакна Ангелевски, додавајќи дека очекува орото да биде топло прифатено од гледачите и оние коишто ќе го слушнат. 

Како звучи и изгледа неговата „Македонска селска гајда“ можете да слушнете и видите во продолжение.

To top