Промотер

Луна: Демек можат подобро, а не ни пробале, епа… – „Пронто“ (ВИДЕО)

Луна: Демек можат подобро, а не ни пробале, епа… – „Пронто“  (ВИДЕО)

Дваесет и едно годишната  Луна Ристиќ или скратено само Луна (Lunna), која годинава дебитираше на македонската музичка сцена како вториот женски артист на Урбан Рекордс,  одново е во етерот. По „Куш“ и „Кармин“ и дуетите со колегата Тракер во „Тоа што си ти“ и „Драма“ убавицата која ветува многу  има нов имиџ на русокоса и нова авторска песна. темата носи наслов „Пронто“ и  разбирливо и овој пат е визуелизирана со урбано видео.

Музички, Луна продолжува да го турка истиот правец  во кој и започна, што можеби станува помалку и здодевно, колку и да е алиби дека во прашање е препознатливост! Идентитет на стилот – да, ама и во него се нужни промени! Ако не во оваа, од следните песни натаму – секако!

Стиховите пак, го отсликуваат начинот на живот, желбите, соништата и филмот во кој живее одредена популација на цела една генерација млади луѓа, меѓу кои и  самата  урбана кантавторка, додека аранжманот и битот, миксот и мастерот  го потпишува веќе стандардно  постојаниот соработник на „Урбан рекордс“ – Иван Јованов – Ивајо.

Видеото и овој пат, вообичаено кога се ексклузивците на Урбан рекордс во прашање, одново го изработил двоецот Гордан Божиновски – Никола Наумовски. Во него тие нашле модус како младата убавица одново да го истакне сиот свој сексапил и еротска привлечност, на еден многу суптилен начин со модерен и урбан арт пристап. Секако, провокацијата не изостанува, но во дозволена доза и надвор од границите на вулгарноста…

Иако комплетниот „филм во кој е влезена“ и Луна и целата таа урбана герила неретко допира, па и задира во „животот на работ“, на оној од другата страна на „црвената линија“… Белким, само за во песна и за на видео, заради посилен и пореален „уметнички впечеток“.

Луна, засега остава солиден… Затоа  -„Пронто“, повелете, послушајте ја темата и погледнете го видеото… Можеби ќе посакате и по втор пат, трет пат… „ Pronto“:

To top