Некогаш популарниот македонски пејач Ламбе Алабакоски по повеќе од седум години живот во САД каде оформи и семејство, неодамна реши да се врати во родната Македонија, а со тоа и да се обиде да се врати на истата сцена на која ја започна својата музичка кариера. Момчето од преспанско Љубојно веќе има настапи со еден локален придружен бенд со кој настапува по локалите низ Македонија.
На неодамнешната прес конференција на групата „Меморија“ по повод нивниот голем концерт на 11 јуни 2022 на стадионот на АРМ во Скопје, Ламбе дополнително беше најавен дека ќе биде и еден од специјалните гости кои ќе ја загреваат атмосферата пред главниот настан.
И додека сите, особено оние што растеле со неговите хитови очекуваа некогашната „М2“ музичка ѕвезда наскоро да ја слушнат со нова песна, Ламбе ги изненади, иако на некој начин ќе им ја исполни желбата. Но, не онаква, каква што посакуваа…
Имено, Ламбе Алабакоски на шокантно изненадување на неговата публика, ќе запее фолк песна на реномираниот фестивал на новосоздадени фолк песни, „Фолк фест Валандово 2022“!!?
Песната со која тој ќе настапи како 19-ти изведувач по ред на фестивалската вечер во Валандово, на 5-ти јуни (недела) е насловена ,,Нема збогум”. Автор на истата е познатиот композитор Миле Барбаровски кој го направил и аранжманот, а пак текстот е на Ѓеорги Барбаровски.
Инаку, Ламбе Алабакоски своевремено беше една од оние музичка надежи кои излегоа од музичкото шоу за потрага по таленти: „М2 Плеј – Потрага по ѕвезди“ и музичката работилница за „фабрикување нови деца“ на тогашниот менаџер и извршен продуцент Иво Јанкоски и композитрот и музички продуцент, Дарко Димитров. Тој стана познат, но и покрај песните и албумите, неговата кариера никогаш не ги достигна очекуваните височини кои ја минуваат границата и стануваш сериозен играч во музичкиот шоу бизнис.
Го имаше тој „пех“ постојано да биде во сенка на мегапопуларниот Тоше Проески, но и на неговата колешка од истиот музички клан, Елена Ристеска, која до крај беше „прва ластовичка“ во нивното „М2“ јато, па „ламбата на популарноста“ на Ламбе кој подоцна остана и без „М2 ветер во грбот“, полека почна да се гасне.
Тогаш, тој го направи веројатно најпаметниот потег – се сврши со својата тогаш нова девојка, денес негова сопруга Магдалена која беше нашинка која живее во Америка, а пејачот од преспанско Љубојно заедно со неговата сакана замина да живее во САД. Оформија семејството во кое тој и сопругата денес ги имаат и синовите Димитриј и Михаил.
Сега, по враќањето од САД дома, Ламбе и се враќа и на музиката. Како она што го запознавме и знаевме – поп пејач или како „народњак“ останува самиот да објасни или времето да покаже! Ќе има или… „Нема збогум“?
Дали ТВ снимките од неодамнешните гостувања во некои фолк емисии и дебито на „Валандово“ не се само генерална проба и доказ дека Ламбе сепак го менува и стилот и правецот и жанрот?
View this post on Instagram
Фото: Јутјуб и Инстаграм принтскрин/lambealabakovski