По две години од последниот концерт во Скопје на „Таксират“, едни од најпровокативните музичари на територијата на поранешна Југославија – „Лајбах“, се враќаат на бината на „Таксират Фестивал“ ! Под мотото “LOVE IS STILL ALIVE”, култниот словенечки колектив ќе прослави 40 години постоење во Скопје на 29-ти октомври во СЦ „Борис Трајковски”.
„Лајбах“ уште на почетокот на 80-тите години стана гордост на бунтовните и прогресивни луѓе во регионов и пошироко, а останаа запаметени како прототип за голем број бендови, меѓу кои и славните Германци „Рамштајн“. По 40 години кариера, тие сѐ уште важат за најголемиот меѓународно признат бенд од поранешните комунистички земји од Источна и Централна Европа, а и покрај светскиот успех, „Лајбах“ успева да стои настрана од секаква поп-одредница и до ден денес е верен претставник на музичката авангарда. Како вистински легенди тие важат за едни од најгенијалните индустријал уметници на сите времиња, кои воведоа нов пристап кон музиката. Нивната музика и идеи ги поставија корените на она што денес се смета за „милитаристички индустријал“, со извонредни дела кои важат за силна критика на механизираноста и оркестрираноста. Стилот на „Лајбах“е пред сѐ критикувачи уметнички перформанс кој постојано посочува кон уметноста која станува алатка на тоталитаризмот и си поигрува со крајните граници на естетиката на фетишизмот и милитаристичката моќ, а може да ве натера да размислувате, да танцувате и да марширате на истата музика.
Билетите се достапни во продажба онлајн на – bit.ly/3jucYUs и во продажната мрежа на MkTickets.