Оваа година КУД Илинден Битола одбележува 65 години од основањето, 65 години културно творештво, 65 години опстојување, 65 години горди чувари на македонската традиција.
Амбасадори на македонскиот фолклор и традиција насекаде низ светот, добитници на престижни награди и признанија, меѓу кои Гран при во Монт Дор Франција, прво место на еден од најреномираните фолклорни фестивали во светот, Велика Британија, како и највисокото признание на Битола-наградата 4 ти ноември и други.
За жал заради здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид 19, одбележувањето на овој значаен јубилеј е во прилагодена форма, согласно соодветните протоколи.
Сепак покрај онлајн претставувањата и учеството на Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови”, се одлучивме за јубилејна програма овој месец, која ќе биде само дел од прославата 65 години КУД Илинден Битола.
Оваа јубилејна програма организаторите ја сместија токму во месец август, месецот на патронот Илинден и ќе се состои од – ревија на народни носии и концерт на традиционална музика и игра.
Концепцијата на концертот на традиционална музика и игра е на уметничкиот раководител Александар Стефановски, а реализацијата е во соработка со раководителот на оркестар Славе Наумовски, гардероберот Филип Јаковлевски, корепетиторите Николче Ангелковски и Никола Пецаковски и стручните соработници Валентин Соклевски и Љупка Стефановска.
Концептот на ревијата на народни носии е на Филип Јаковлевски, гардеробер во КУД Илинден.
Двата настани ќе бидат од полуотворен тип, заради здравствените протоколи и малиот капацитет на КЦ Магаза каде ќе биде ревијата и на амфитеатарот на Тумбе кафе каде ќе биде одржан концертот.
КУД “Илинден“ во својот состав има 320 членови, кои активно учествуваат во зачувувањето на македонските традиционални игри и песни.
Пред две години покрај многубројните настапи беше потпишана и повелба за збратимување со КУД. Далмација од Дуги Рат, Хрватска.
Во далечната 1955 година официјално е земено името Илинден за ова друштво, иако како фолклорна група постои и неколку години пред тоа. КУД Илинден во текот на своето постоење, ги освои сите светски меридијани и светски сцени, пренесувајќи го македонскиот фолклор. Илинден е изворот од кој се пие првата голтка љубов кон народната култура. Секоја година КУД. Илинден бележи од 40 до 100 настапи.
Карактеристична е богата колекција на оригинални носии.
Ова културно уметничко друштво , над 6 децении ја изучува и оживува македонската фолклорна традиција, чувар на традицијата и амбасадор на битолската и македонската народна култура ширум светот.