Мегафон спектакл во најава

Концертна еуфорија пред „матурската рок ен рол журка“ на „Меморија“: Вака течат подготовките за нивниот концертен „оган под ѕвездите“ (ФОТО+ВИДЕО)

Концертна еуфорија пред „матурската рок ен рол журка“ на „Меморија“: Вака течат подготовките за нивниот концертен „оган под ѕвездите“ (ФОТО+ВИДЕО)

Иако дождот и лошите временски (не)прилики им ја расипаа првичната замисла за голем концертен спектакл под отворено небо на стадионот на АРМ, тоа не ги спречи членовите на „Меморија“ најавеното и ветеното да го остварат во еден друг, поинаков, затворен концертен простор, спортсаката сала А1 Арена – „Борис Трајковски“, каде концертот е преместен.

До утревечер, сабота, 11 јуни се бројат часови кога од 19.30 часот е закажан почетокот на концертот на кој атмосферата ќе почнат да ја загреваат момчињата од бендот „2 ВЕ“ со нивна изведба на познати македонски поп-рок хитови, за по нив да следи најавениот концертен „оган под ѕвездите“ на „Меморија“ и нивните специјални гости , овој пат под ѕвезденото небо што ќе го направи публиката со своите мобилни во „Борис Трајковски“.

Дека ништо нема да биде поразлично и поинаку од најавеното, говорат фотографиите и видеата од подготовките кои почнаа уште три дена пред почетокот на концертот.

Местењето на огромната сцена, рампите со раскошно осветлување, грандиозното озвучување, видеоскриновите, сценската опрема… И се’ друго што е потребно еден ваков концертен спектакл беспрекорно да се одвива и функционира. А за ваквите пригоди, кога „Меморија“ концертно настапува, секогаш е избрано најдоброто што Македонија го има од ваквата техника – „КЛС“ за вистински концертен „земјотрес“.

За се да функционира „како под конец“ и во организацијата и со техниката и на сцената, тука е „диригентот“  на ивентот кој не смее да се пропушти. Основачот и лидерот на бендот, Петар Георгиевски – Камиказа, ветува концертна екстаза во сабота навечер, кога тој и останатите од „Меморија“ се очекува да предизвикаат вистинска концертна еуфорија кај публиката, која уште отсега е познато дека ќе дојде во голем број и ќе ја наполни салата.

„Мислам дека бев во право за времето. Се гледаме на концерт во салата ‘Борис Трајковски’ во сабота“ – кусо изјави Перо-Камиказа алудирајќи на  принудната промена на локацијата заради променливото време, па уште еднаш ги  повика ги сите оние кои се’ уште не се одлучиле, да дојдат на големата концертна „матурска забава на генерациите“ како што уште во самиот старт ја нарекоа членовите на „Меморија“.

Патем, Камиказа ја промовираше и новата маичка која го најавува концертот на „Меморија“ за која, како што самиот вели, нема реприза:

Новиот аутфит за концертот. ЕАМ- Штип. Тенкју. Овој концерт нема да има реприза. Само премиера. Сега и кој знае кога пак? А, можно е и никогаш повеќе?!“ – обзнани лидерот на Меморија.

Како и да е, остануваат да се одбројуваат часови до големиот концертен спектакл, до „матурата на генарациите“ која  членовите на „Меморија“ пред нивната публика се очекува да ја положат со чиста петка!

Слободни места за седење се’ уште има,  а цената на влезниците изнесува 700. денари.

Продажните места остануваат исти: Југотон – ГТЦ 1 кат- Скопје и онлајн на: www.kupikartizase.com

To top