Овогодишното издание на Евросонг ќе се одржи од 9-ти до 13-ти мај во Ливерпул, а многу фанови на овој музички натпревар се обложуваат кој ќе победи.
Според моменталната состојба на обложувалниците, шведската пејачка Лорин со песната „Tattoo“ има најголема шанса за победа (46 отсто). Таа во 2012 година победи на тогашната Евровизија која се одржа во Баку, со песната „Euphoria“.
Лорин беше тогаш единствената учесничка која ги поддржа азербејџанските активисти за човекови права и изјави пред новинарите дека човековите права во Азербејџан се кршат секој ден и дека за таквите нешта не треба да се молчи.
Портпаролот на владата на Азербејџан наведе дека натпреварот не треба да се политизира и од организаторите на Евросонг побара да се спречат такви состаноци. Шведските дипломати одговорија дека Лорин не постапила против правилата на Евросонг.
Лорин во 2017 година во една емисија откри дека е бисексуална, а во меѓувреме стана и миленичка на ЛГБТ заедницата. Во една прилика, пејачката раскажа дека тие се главните „виновници“ за нејзиниот голем успех во музичката индустрија.
На второ место, како што пишува „Eurovision World“, е финскиот рапер Каарија и песната „Cha Cha Cha“. Тој има 15 отсто шанси за победа. Самостојно издава своја музика до 2017 година, кога потпишал договор со издавачката куќа „Monsp Records“. По тоа, го објави двојниот сингл „Koppi Tules/Nou Roblem’“, EP со наслов „Pelia“, а деби албумот „Fantastista“ го сними во 2020 година.
На третото место според обложувалниците, се наоѓа украинското дуо „Tvorchi“ со песната „Heart of Steel“. Тие имаат 6 отсто шанси за победа. Пејачот Андриј Хутсулијак порача претходно дека ќе даде сè од себе за да ја претстават Украина на достоинствен начин.
фото: Eurovision Song Contest 2023 – first stage renders
BBC/eurovision.tv