Македонската музичка сцена колку и да деллува заспано, покрај прекалените ѕвезди одвреме-навреме се појавува по некое младо и ново име, кое умее да ја разбранува „естрадната жабокречина“ во која западнавме.
18 годишната тинејџерка Мирјана Митрева е едно од оние „нови деца“ која и животот и едукацијата, а веројатно професијата и ја посветила на музиката. Младата кавадарчанка е ученичка во средното музичко училиште во Битола, а свири пијано и гитара и има настапувано на голем број државни и меѓународни натпревари по пеење, од каде се враќа со успеси и освоени награди.
Својот музички и вокален талент Мирјана го пресликува во нејзината прва песна „Вистина“ со која го прави првиот чекор на домашната сцена, ачекорувајќи во немирните естрадни води како соло пејачка.
Музиката и аранжманот на нејзината дебитантска песна се дело на гитаристот на „Браво бенд“ и професор по музика, Драган Илиев, додека стиховите ги напиша Борче Димитров. Миксот и мастерингот на песната ги направил Горан Гешовски.
Темата „Вистина“ наскоро би требало да добие и свој видеозапис, а Мирјана има многу планови за во иднина. веќе е подготвена за снимање на нови песни и видеа, а можеби наскоро оваа млада кавадарчанка ќе ја видиме и на некој од домашните фестивалски сцени.
Во меѓувреме, преслушајте ја нејзината дебитантска поп/денс тема, со брз танцов ритам и стихови кои совршено се совпаѓаат со овие есенски, дождливи денови… За да дознете дека е „Вистина“ кога велат дека дождот има и свои убави страни.