По првиот сингл „Ред Сафари“ од саундракот за филмот “Врба“, кој неодамна беше промовиран, промовирана е уште една музичка тема која ја потпишува композиторот Кирил Џајковски. Филмот на Милчо Манчевски во Македонија продолжува да ги урива рекордите на гледаност со над 26.000 гледачи за еден месец од кинопремиерата.
Инаку, идејата за музичката тема „Willow Dawn“ (Врбина зора) на Џајковски е еден вид претопување на „Тешкото“ во еден модерен ритам. Така се претопуваат и кадрите специјално избрани за видеото во кои всушност се претопуваат сенките од минатото со духот на времето и сегашноста, проклетството на страста и искушението, желбата по секоја цена да се има она што најмногу се сака и цената која мора за тоа да се плати со подготвеноста сето тоа да се издржи и во сето тоа да се истрае до крај!
„Идејата за „Willow Dawn“ тргна од Милчо, кој предложи да се проба некоја модерна верзија на „Тешкото“. Јас имав една идеја во амбиентален трип-хоп манир, па се обидов да ги поврзам двете теми. Од таа комбинација ми се чини излезе интересен спој, каде што интензивниот звук на зурлата, електронската и ритмична подлога на некој начин интимно, а сугестивно доловуваат момент на страсна и важна пресвртница во приказната на главните ликови на филмот“ – се сеќава Џајковски.
Наскоро излегува икомплетниот саундтрак за филмот, а дотогаш погледнете го видеото за „Willow Dawn“ со извадоци од филмот.