Кики Лесендриќ, една од иконите на српскиот рокенрол звук во 80-тите и 90-тите години на минатиот век, ќе настапи на Интернационалната вечер (3 септември) на 29-тото издание на „Охрид фест“. Евергрините „Свет је леп када сањамо“, „Заборављени“, „Као птица на мом длану“… ќе ја потсетат македонската публика на нежните балади и специфичната боја на гласот на Лесендриќ.
Кики, каде се наоѓаш моментално, и што вообичаено правиш во овој летен период?
– Моментално сум на Санторини во Грција, но бргу се враќам за Белград, па почнувам со јулските концерти. Воглавно, преку лето сум на Закинтос, а се враќам samo за концерти.
Македонската публика ќе има можност да те види и слушне на годинешниов „Охрид фест“. Откога не си биле кај нас, имашли убави спомени од Македонија?
– Не сум бил во Македонија навистина долго. Но, во еден период со „Пилоти“ свиревме многу кај вас, мислам, сигурен сум дека скоро и да не постои место каде не настапувавме. Се надевам дека новиот албум на есен, повторно ќе не донесе во Македонија, дека повторно ќе свириме, и тоа ќе го правиме со посебно задоволство.
Од твоео богато музичко и животно искуство како автор, пејач, продуцент, ментор… кој период го сметаш за најважен?
– Секоја од тие станици мене ми е драгоцена. Почетокот во 1981 година е како прв бакнеж во училиште. Понатаму навистина имаше различни периоди, од луди 80- ти па се до војната, моето заминување за Грција и подоцнежното враќање со албумот „Месец на вратима“. Многу години се зад мене, но некако се’ уште сакам да снимам нови песни и да сум на сцена.