„За тебе“ е насловот на песната за која Јордан Митев промовира спот. Со овој видеозапис снимен во Милано, за песна која има помодерен фолк звук, нашиот пејач ги најавува и останатите новитети кои престојниов период следуваат кај него на музички план.
Комплетен автор на песната ( музика, текст, аранжман) е самиот Митев, а музички продуцент е Љупчо Павловски и истата е снимена во студиото „Анастасија“. Видеото со живописната архитектура од центарот на Милано е изработено од охриѓанецот „Зати“ по идеја, сценарио и режија на самиот Јордан.
„За песнава планирав неколку месеци наназад да снимам видео, но поради обврските, како што и најавив тогаш, решив тоа да почека до сега, кога еве и се случи промоцијата. Спотот го снимавме во Милано, бидејќи самата песна и нејзиниот помодерен звук го бараа тоа. Во неа се пее за љубовта, па затоа овој град беше идеална локација да се снимаат кадрите за спотот. Исто така време е да покажеме дека и нашата фолк сцена може да ги следи модерните трендови, доколку тоа некој знае добро да го направи и спакува“ – вели Митев.
Јордан додава дека освен традиционалниот пристап кон фолклорот, професионалците треба да се позанимаваат и со нешто што е својствено за 2019-та година, за да повеќе се доближат до помладата публика.
Дека престојната есен ќе биде богата на музички план за нашиот пејач, говори и најавата за најновата песна „Роден крај“, чија премиера ќе се случи за неколку дена, а повторно како автор се јавува самиот Митев. Во најава е и снимање на спот за истата, како и турнеја по Австралија која ќе трае месец и половина.
Во меѓувреме, уживајте во кадрите од видеото „За тебе“ од Јордан Митев: