„Последниот пат кога бев во Скопје бев во салата „Борис Трајковски“ и си помислив ‘кога би имала јас концерт овде’… и ете желбата ми се оствари. Оваа љубов, оваа енергија што ги почувствував вечерва не можат да се опишат со зборови. Навистина им благодарам на сите затоа што го имав досега можеби еден од најемотивните концерти. Скопје благодарам, си поминав преубаво“, рече Јелена Розга по завршувањето на синоќешниот концерт во рамки на турнејата „Минут срца мог“.
Пред преполната „Борис Трајковски“ Јелена ги отпеа своите најголеми хитови, како и оние од времето на групата Магазин каде членуваше на стартот од својата музичка кариера.
Концертот беше во организација на Скајмјузик продукција, регионалниот лидер во организацијата на најголемите музички настани и фестивали, а публиката освен што имаше можност да ужива во гласот на Розга, одличните кореографии за кои друштво на сцената и правеа 12 танчари предводени од словенечкиот кореограф Жига Сотлар, уживаше и во визуелниот спектакл за што придонесоа повеќе од 400. квадратни метри ЛЕД екрани, преку 300 светлосни тела, повеќе од 500 илјaди вати звук. Речиси секоја нумера имаше посебна кореографија, а секоја песна своја анимација и специјални ефекти, и тоа почнувајќи од ласери до пиротехника. Уникатна по обликот и големината беше и бината, а посебните писти што влегуваа во партерот понудија единствена можност оние во првите редови.
Јелена на сцената се појави во неколку модни изданија, и тоа благодарение на модниот двоец Envy, а колку и значи концертот во Скопје и колку навистина се подготвуваше за овој настап доволно зборува фактот дека изгледаше сосема поразлично од концертите кои веќе ги одржа во регионот во склоп на турнејата „Минут срца мог“.
Дека публиката уживаше и имаше можност да ја види Јелена Розга во сосема поразлично издание доволно зборуваат и коментарите по концертот, но и атмосферата во салата. Од првиот до последниот такт вистинско „музичко цунами“ и хорско пеење, кренати раце и насмеани лица, но и фактот дека и по речиси три часа ретко кој сакаше да си замине дома.
Розга во Скопје дојде за да го оствари својот сон, а замина полна со емоции и љубов, но и ветување – Скопје се гледаме пак!
До следната дружба во Скопје, турнејата продолжува низ регионот, а следни станици се Задар на 8-ми март и сараевска „Зетра“ на 2-ри ноември.
Фото: Вангел Тануровски