Популарниот македонски шоумен и пејач Игор Џамбазов ја објави својата нова песнa со наслов “И племето и семето”. Она што од секогаш привлекувало најголемо внимание во музиката на Игор биле текстовите на песните. Со должен респект на компонираното, како и на гитарската умешност на Гуру Харе и неговиот бенд, сепак Џамбазов најмногу е познат не по хитовите или пеењето, туку по пораките кои ги испраќа преку своите песни, па тоа не е исклучок и овој пат.
Иако можеби и не е кој зна колку тешко да се најде инспирација во времето и државата во кои живееме, опкружени со секојдневните небулози и будалаштини со кои се будиме и легнуваме, но сето ова лудило Игор знаел како најдобро да го спакува во неколку минути „поезија за амнезија“ на годините низ кои минуваме. Едноставен опис и на „племето и на семето“ од каде се’ почнува и со кои се’ ќе заврши… Сага за времето во кое се’ е отидено… Во неповрат или пред вратата на „новиот почеток“, кој да знае… Чекавме долго па ќе почекаме уште некое време, колку и долго тоа да е. Можеби само до следната песна на шоуменот?
Во меѓувреме преслушајте ја оваа, „И племето и семето“, како одраз во огледало на времето во кое живееме, за која „осомничен автор“ е Игор Џамбазов, со кого свиреа членовите на „Гуру Харе бенд“ во Бардовци, во студиото „Тра Ла Ла“ на Мите Димовски, кој е и продуцент на истата.
Во едноставното, но мошне ефектно „музичко – стендап хромаки видео“ полицаецот го игра Оливер Војиновиќ. Зад камерата бил Роберт Божиновски, видеото го монтирал Иван Костадинов, а режијата е на Гоце Трајковски, додека „И племето и семето“ се наши… Наше секојдневие.
Затоа уште еднаш убаво преслушајте и внимателно погледнете што има маестро Џамбазов да ви каже по тоа прашање: