Сања Сани Гроздановска, една од најпопуларните и најпознати македонски фолкерки од помладата генерација реши да направи комплетна трансформација… Или поточно мораше, но, не во изгледот и имиџот, туку во еснафот, зашто коронапандемијата ја натера да ја смени професијата, сакала или не, како и многумина други естрадни уметници чија кариера е на работ на пропаста, а за егзистенцијата и да не говориме.
Токму затоа, естрадата тргна да бара алтернативни решенија за сопствениот опстанок и опстанокот на своите семејства, па многумина од нив свртеа нов лист во животот, оставајќи го свирењето и пеењето да чека подобри времиња, ако воопшто тие и дојдат.
Веќе пишувавме дека на естрадните уметници не им преостана каде да пеат, па од естрадни полека стануваат страдни. Не им преостанува ништо друго освен „само да се сликаат“. Многумина од нив од пејачки станаа манекенки, модели, инфлуенсерки, блогерки… па се’ до меанџии и психолози. На оваа категорија (е)страдни уметници во „преквалификацијата“ на професијата деновиве им се приклучи и Сани Гроздановска.
https://arhiva.vistina.com.mk/radio-mileva/koga-vekje-ne-im-preostana-kade-da-peat-im-ostanuva-samo-da-se-slikaat-od-pejachki-manekenki-modeli-influenserki-blogerki-do-meandzii-i-psiholozi/
Со ново занимање, нова професија, ново работно место, кое нема врска со естрадата, пеењето, уметноста… Или можеби има?
Навидум – не, зошто Сани почна со работа во компанија која неодамна е формирана за да ја „зголеми конкурентноста на пазарот на мобилната телефонија и мобилни услуги со цел да внесе поквалитетна и пофлексибилна понуда до секој корисник, како приватно лице или бизнис корисик“ – како што самите напишале во нивното портфолио „Зелените мобилни“, каде Сани деновиве почна со новата работа.
Засега не го конкретизираше работното место, работната позиција, ниту пак висината на примањата, која што и да работи е секако далеку помала од естрадните пари, ама како што е познато, не е време за пребирање. За никого, а најмалку за оние што немаат воопшто работа како што се естрадните уметници.
Сепак, од честитките кои (екс?)-пејачката јавно ги доби за новотата работа на своите профили на социјалните мрежи, може да се заклучи дека Сани ќе има некаква улога на агент за продажба. Впрочем, тука е и врската со естрадата и мобилната телефонија, зашто нејзината поуларност може многу да придонесе и помогне во продажбата на мобилните пакети, а мобилните телефони денес се се’: и средство за комуникација и мини компјутер, камера, фотоапарат, конзола за забава, радио, ТВ, плеер за слушање музика и гледање видеа, филмови…! А сето споменато е во доменот на забавата, музиката и шоубизнисот воопшто, па оттаму можеби на компанијата и требаше една како Сани за клиентите да ги мами!
А кога сме веќе кај честитките, највпечатлива очекувано, од нејзиниот колега и долгогодишна музичко-инструментална „машка половина“, Трајче Толевски, сега преквалификуван во угостител „на „стенд бај“… или евентуално на повик:
„По многу години воспитување, дојде време ти да кажеш ‘се вработив’… Ти не се вработи, ти си тука само за да ги ‘просветлиш’ користејќи го твојот светски имиџ… Само се секирам што ќе биде со тој што ќе одбие да потпише договор? Господ напомош“ – шеговито напиша музичарот ем угостител, а всушност во секоја шега – половина вистина. И оноа за имиџот и за одбивањето…!
Како и да е Сани се’ уште официјално не се изјаснила… Освен што во Фејсбук Си-Ви-то на она: „Само си пејам“ го придодала и името на новата фирма кај податокот кај каде работи.
Епа, нека е со среќа и белким… „Зелениот телефон“ нема да го замени за стариот добар микрофон… засекогаш?!
Фото: Фејсбук и Инстаграм принтскрин/sani.grozdanovskasanja