Македонската најселебрити љубовна двојка Дарко – Спејко и Љупка Митрова последен пат јавно беа видени на промоцијата и доделувањето на наградите на македонското издание на магазинот „Стори“. Не добија ниту една награда иако, реално, ако веќе се доделуваа награди за најселебрити лица, тие би требало без конкуренција да ја понесат наградата за најселебрити љубовна двојка на годината во 2017.
Кумановецот и струмичанката сепак не беа многу загрижени, па продолжија да уживаат во својата љубовна идила и за еден од најважните денови во животот на посилната половина на вљубениот пар – роденденот на Спејко! А го прославија… сами, посветени еден на друг!
„Денес, одам да прославувам со моите најблиски, бидејќи ова е многу посебен ден за мене, за што сакам да му се заблагодарам на Бога за тоа“ – напиша големиот Брат и замина да слави.
Имено, скромно, без многу помпа и гости, Љупка и Спејко за неговиот роденден седнаа на јадење во еден ресторан во центарот на Скопје. И додека таа задоволно го голташе секој залак од својата порција шпагети, тој вљубено ја голташе со поглед неа… уживајќи во секое нејзино движење, гестикулација, секој нејзин здив!
„Првото нешто што го засакав беа твоите очи. Тие содржеа таква љубезност, нежност, каква никогаш претходно не сум видела. Следното нешто што го засакав беше начинот на кој ја држеше вратата отворена за мене, како да сум најважна. Последното нешто што го засакав беше начинот на кој ме натера да се смеам без да знаеш дека тоа ми треба“ – возврати понежната половина од вљубената двојка, за веќе во следниот момент на својот сакан да му понуди две нешта: Славеничката мини торта во вид на роденденски колач со свеќичка и подарокот во вид на роденденска желба!
Па откако Спејко ја дувна свеќичката на колачот ја дозна и нејзината желба – роденденски подарок за него:
„Сакам да бидам твојата омилена дестинација и во добри и во лоши денови… Те сакам, среќен роденден“!
Така Спејко го доби најпосакуваниот роденденски подарок. Саканата Љупка му се подари… себе си!