Мегафон „Нов почеток“

Филхармонијата на 25 октомври ќе ја започне концертна сезона

Филхармонијата на 25 октомври ќе ја започне концертна сезона

Со мало доцнење поради исполнување техничко-правни процедури за новиот објект, Македонската филхарминија на 25 октомври ќе ја почне сезоната 2017/2018 со концерт симболично насловен „Нов почеток“. Солист ќе биде пијанистот Дино Имери, оркестарот ќе го води Борјан Цанев, а на програмата ќе бидат дела од Чајковски (Концерт за пијано и оркестар бр.1), Респиги (Римски фонтани) и Рихард Штраус (Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел оп. 28).

Поради доцнењето со отворањето, испуштени се некои планирани гостувања, како што беше претходно најавеното на виолинистот Роман Симовиц. На 9 ноември ќе гостува познатиот пијанист Борис Березовски, а во вториот дел на концертната сезона, од јануари 2018,  рече Илиески, ќе гостуваат големи музички имиња.

Илиески информираше дека за краток период успеале и да обезбедат  приклучок за парно греење со што е избегнато  враќање на оркестарот на старата локација, во Домот на АРМ. Обезбеден е и пристап, функционални лифтови и места за седење во големата сала за лица со хендикеп.

– Чест ми е што ја водам оваа институција значајна за државата и за Скопје, еден репрезентативен оркестар кој конечно, по 74 години, го доби своето заслужено место во овој прекрасен храм на музиката, во дом во кој ги имаме сите услови за работа и за креирање музика и интерпретација на најдобрите и најспецифичните дела од железниот репертоар. Установата ги има сите можности за оркестарот и услови за администрацијата, рече Илиески.

Филхармонијата има и студио опремено со врвна техника за аудио записи, ново лого со ликот на новиот објект и редизјанирана веб-страница. Воведува нов начин на презентација на концертната програма – рекламирање на концертите со спотови, со цел да се приближат до сите граѓани. Покрај поддршката од Министерството за култура, Филхармонијата ќе почне и партнерство со големи фирми и брендови за да овозможи носење на големи и звучни стрнаски солисти и диригенти. Во стратегијата на куќата е и сите заборавени македонски музичари да имаат можност да настапат на нејзината сцена.

Диригентот Борјан Цанев и виолинистката Ана Кондратенко искажаа задоволство што почнуваат да работат во концертна сала со услови какви што имаат нивните колеги низ светот.

– Во превод значи имаме стадион, сега ни се потребни фудбалери да даваат голови. Се подоготвуваме многу интензивно, имаме одличен тим. Треба време да се прилагодиме на тоа што е ново, но на новото човек секогаш поубаво се прилагодува, рече Цанев, кој идната среда ќе го води првиот концерт во новата сезона.

Следниот концерт ќе биде на 2 ноември – Симфонија на тажни песни со Ана Дурловски и диригентот Емил Табаков.

To top