Промотер

Eye Cue – „Јано мори“ или „Tell me baby“? (ВИДЕО)

Eye Cue – „Јано мори“ или „Tell me baby“? (ВИДЕО)

Бојан Трајковски и Марија Ивановска од дуото „Ај Кју“, по евровизискиот настап и сите песни потоа, на почетокот на октомври 2019 месец одлучија да ја изненадат македонската јавност со едно уникатно музичко остварување, преработувајќи ја познатата македонска народна песна „Јано мори“.

Реакциите беа поделени, иако критиките за верзијата која ја направиле беа воглавном позитивни.  Едни тврдеа дека во културното музичко наследство како и да интервенираш, можеш само да го расипеш, додека други ја фалеа инвентивноста и новото аранжманско решение на верзијата на „Ај Кју“, како и експресивната вокална изведба на пејачката.

Еден месец подоцна, дуото ја сподели со јавноста и англиската верзија на песната, насловена како „Tell me baby“. Причина повеќе за ваквиот потег е фактот што Бојан и Марија последнава година-година и пол се повеќе надвор отколку во Македонија, активно настапувајќи низ Европа и Австралија, а и поголемиот дел од 2019 година го поминаа во Лондон, работејќи на нов материјал.

Англиската верзија веројатно заради јазикот звучи некако „повозбудливо и посвежо“, а во неа точно и одмерено е најдена дозата на спој на македонската традиција со модерните музички жанрови на изразување. Можеби затоа со неа и „Ај Кју“ ќе имаат некакви шанси да се допаднат на пребирливата европска и особено англиска публика.

Како и да е, времето пред нас ќе покаже дали ваквата „музичка алхемија“ може да предизвика „емоционална хемија“ кај европските музички мконзументи на кои музичкиот избор од целиот свет им е од една страна на дланка.

И за оваа верзија е снимено видео по истиот принцип, режирано и реализирано од истиот автор, Кристијан Шемко.

Ние уште еднаш ви ги нудиме на преслушување и прегледување обете верзии, а вие самите одлучите: „Јано мори“ или „Tell me baby“ – вие кажете?!

 

To top