Евровизија и годинешните евровизиски настапи деновиве актуелни и во етерот и во медиумите и меѓу народот, на социјалните мрежи… Логично, во недостаток на естрада и естардни збиднувања заради корона паузата, Евросонг 2021 и она што таму се случува на и зад сцената, доминира во фокусот на јавноста.
Сношти, 20 мај 2021, се одржа втората полуфинална вечер каде дефинитивно ѕвезди на вечерта беа српските претставнички, женското вокално трио „Хурикејн“. Трите секс бомби „оддуваа“ се’ живо од сцената, доминирајќи со својот атрактивен, разигран и бомбастичен настап во кои покажаа како треба да звучи и изгледа еден целосен евровизиски пакет, па дури и повеќе од тоа. Имаа настап на нивото на светските ѕвезди налик на една Бијонсе или Џеј Ло, на пример.
Модерна, брза песна, хит кој на прво слушање влегува в уво, одлична кореографија и танчерски способности, доволно добро вокално потковани три секс бомби кои уриваат се пред себе со својот настап, атрактивен изглед, сексапил со кој зрачат меѓу соодветно избраната гардероба и светлосните и визуелни ефекти на сцената. Едноставно „Хурикејн“ се покажаа во најдобро светло или поточно во духот на своето име – музички ураган од прва категорија, кој ништо не не може да го сопре.
Домашна задача за многумина, вистинска евровизиска лекција од која треба да се учи, како сето тоа треба да изгледа и звучи!
Гордоста наша е вткаена во нивниот рецепт за успех е преку учеството на нашиот композитор, продуцент и аранжер Дарко Димитров, како еден од авторите кој го пакуваше ова евровизиско музичко парче правејќи го и аранжманот за српската евровизиска песна „Локо локо“.
Дарко заедно со „Ураганките“ беше и во бекстејџот односно во „собата за воздишки и исчекувања“ и видливо ја сподели радоста со нив, откако тие се пласираа во евровизиското финале.
Покрај претставничките на Србија, од второто полуфинале забележителни настапи имаа и се пласираа за големото финале уште и останатите наши соседи: Албанија, Бугарија и Грција… Сите освен ние! Преостанатите места од второто полуфинале за финалната вечер уште ги надополнија: Финска, Швајцарија, Сан Марино, Исланд, Португалија и Молдавија.
И додека ние се правиме „на удрени“ тврдејќи дека сите биле едногласно оти Васил Гарванлиев заслужил финале, Европа „под мустаќи“ зајадливо ни се потсмева… Не нам, туку на истиот тој Васил „кој ете, само што не влезе во финале, а каква само песна и настап имаше“!!? Е какви де? Еве што мислат за него и неговата песна Норвежаните на пример, во својата евровизиска емисија. Не е за коментар, ама не е ни за премолчување. Погледнете го видеото и уверете се каков „масакар“ направија од струмичанецот со бугарски корења!
https://www.youtube.com/watch?v=_u2RYxNw3zg
И додека се’ уште трае годинешнава Евровизија, од која ние годинава „со свиткана опашка“ си се вративме дома, нашата најуспешна претставничка до сега Тамара Тодевска на својот Фејсбук носталгично се присети на блескавите мигови од нејзиниот настап тој ден, во 2019 година, кога буквално загосподари и гордо ја освои евровизиската сцена со нејзината „Proud“ . Успех на кој и таа и сите ние бевме горди и и ги простивме сите претходни „гафови и гревови“… зашто тоа максимално го заслужи!
Да, во право е кога покрај фотографија од евровизискиот настап напишала: „Каков момент беше ова“!? Дефинитивно, момент за кој се живее!
Фото: Инстаграми Фејсбук принскрин/Tamara Brana Velkova/darkodimitrov
Видео: Јутјуб