На промоцијата на македонското издание на естрадниот магазин „Стори“ и доделувањето на неговите годишни награди на најпопуларните личност во 2017 година што се одржа на 20 март во скопскиот хотел „Александар Палас“, меѓу останатите добитници на награди беа и сестрите Тодевски.
Тијана, сега Дапчевиќ доби награда за најдобра уметничка трансформација за ликот на Ула во ТВ серијата „Преспав“, која патем доби исто така награда, додека Тамара беше прогласена за најхаризматична личност меѓу пејачите.
И како што е редот, кога се примаат наградите следуват благодарници, подолг или покус говор и список на луѓе на кои треба да им се заблагодарите. Сестрите кажаа што кажаа, секоја на свој уникатен начин, ама при тоа јавноста дозна една необична пикантерија: Да не беше Тијана, немаше да ја има ниту Тамара!
Имено, при своето заблагодарување за добиената награда, меѓу останатите Тамара им се заблагодари на нивните родители што ја родиле „вака харизматична“…
Тогаш од првиот ред на публиката, каде седеа сестрите, Тијана и довикна: „А јас? А, мене да ми се заблагодариш?“ – на што Тамара и возврати дека таа ниту ја направила ниту ја родила, туку мама Бранка и тато Велко.
„Да, ама јас толку многу да не им плачев и не инсистирав да имам сестричка, ти немаше сега да бидеш тука“ – и возврати со насмевка постарата Тијана на помалата сестра Тамара! Единствено пропушти да каже, дека Тамара можеше да се роди и како машко, па место сестра, Тијана да има – најхаризматичен брат!