Дефинитивно, карантинот прави чуда… Она што никогаш не би ти паднало на ум или не си имал време да го правиш, кога си во изолација ти доаѓа да си кажеш: „Сега му е мајката…“ Од домаќинлук до билдање популарност. На секој од нас му текнува нешто со што ќе ја разбие монотонијата, ќе ја отепа досадата, а од друга страна, смета дека тоа нешто може да биде корисно, да му оди во прилог, да биде од полза… Или нему лично, или на тие околу него, а можеби на сите.
Особено моќна алатка станаа социјалните мрежи на кои можеш да направиш, изведеш, објавиш, споделиш… што ти душа сака. Така сите, така и пејачката…
Имено, Елена Велевска реши да биде што поактивна во карантинот, за времето побргу да и помине, а тоа што го прави да ја одржи во „кондиција“ нејзината кариера, а и самата да остане во конекција со своите обожаватели и следбеници на социјалните мрежи.
Меѓудругото, Велевска најпрвин на своите Инстаграм приказни им овозможи на нејзините фанови и Инстаграм следбеници да и поставуваат прашања, на кои таа кусо ќе им одговара.
Во меѓувреме, атрактивната македонска фолкерка доаѓа до нова идеја, па до своите обожаватели има нова понуда, овој пат баеги присна: Тие неа споделено видео со нејзина песна, таа ним за возврат – „блиска средба“. Рокот, до 1-ви мај!
Во меѓувреме стигнуваат прашањата на фановите до згодната и сексапилна пејачка. И како што е редот, повеќето, се коментари, пофалби, комплименти за неа, нејзиниот иглед, песните кариерата, арно ама… Меѓу сите нивни прашања и нејзини одговори, доминира ЕДНО, кое периодично се повторува, па му доаѓа нешто како одговор на нејзината понуда за „блиска средба“ со фановите… само што е прашање, кое всушност е еден вид „непристоен предлог“ кој гласи: „Елена дали ќе се омажиш за мене?“
А Велевска, се’ уште недоразведена, прво беше фина и одмерена во одговорите.
Но откако сфати дека „брачната онлајн понуда“ нуди широк избор, пејачката како да го губеше трпението, па на оние што и онлајн ја побараа нејзината рака, на крај нервозно им одговори со прашање: „Аман, што ви е?“
Ништо… веројатно и тие имаат „карантински синдром“. Затоа едвај чекаме да го видиме резултатот од понудата на фолкерката за „блиска средба“ со среќниот обожавател. И ние и особено оние што ќе одговорат на нејзиниот предизвик, па секој од нив со душа ќе чека и стрепи да дознае, дали токму ТОЈ е најголемиот среќник!? А дотогаш, снимај, постирај и ќути – трај… до 1-ви мај!