„Екран“ со децении важеше не само за единствената, туку и најдобрата македонска естрадна ревија. Музика, театар, филм, ТВ, мода, хумор, забава… Се’ што треба да има еден магазин за она време во кој беше престиж воопшто да се појавиш. За да добиеш насловница, треба да имаш изедено„ сто фурни леб“, да си артист или уметник од кариера со дебело портфолио, полно со „подобро минато“ и “поубава иднина“.
На оние што новинарството им е професија и се во овој еснаф, најдобро знаат што значи функцијата уредник. Одговорност пред се’, знаење, умеење, лидерски способности, вештина, искуство, стратегија… Она што е шефот во другите професии, тоа е уредникот во новинарскиот еснаф.
Тимчо Апостолов беше еден од последните уредници на „Екран“. Некогаш водител, подоцна новинар, публицист, последните години се до крајот од „работниот мандат“ уредник на најпознатата ревија. И по пензионирањето остана остар критичар на она што го нуди еснафот во било која форма, очигледно се’ до денес.
Последниот пример најдобро покажува дека ништо не може „да му се поткрадне“, а тој тоа да не го забележи. Она што Тимчо најмногу деновиве „го изиритира и налути“ очигледно е утринската програма на ТВ Сител – „Ја сакам Македонија“, односно нејзината актуелна уредничка Елена Стојановска – Јанковска, овој пат во улога на ТВ водителка.
Поточно нејзината утринска најава која некогашниот уредник на „Екран“ „буквално“ го „извади од папучи“, па овој уредничката на утринската „буквално“ ја „растури“… на својот Фејсбук профил!
Имено, на Тимчо му пречел нејзиниот начин на изразување и сиромашната понуда на зборови во вокабуларот на водителката, која според него постојано повторувала еден ист збор – „буквално“ и по неколку пати во една иста реченица?!
Апостолов ова не можел да и го прости на Елена и да го премолчи, па решил јавно да ја сподели критиката на смека на „говорните можности“ на водителката, на социјалните мрежи.
Така на својот Фејсбук профил Тимчо Апостолов и „буквално“ во писмена форма и го „плеснал в лице“ на актуелната уредничка она што му пречело во нејзината утринска најава:
„Денес ( четврток – 23 ноември) , водителката на утринската програма на ТВ Сител „Ја сакам Македонија“, во најава од пет реченици, пет пати го употреби зборот “БУКВАЛНО“.Тоа беше маестрална најава…..Не знам колку ученици на некој испит успешно би ја решиле задачата да состават пет реченици со зборот “БУКВАЛНО“?
Ќе ја парафразирам нејзината најава ; На улиците во Скопје а посебно на тротоарите , БУКВАЛНО владеат посебни правила.Сигурно сте забележале дека троторарите БУКВАЛНО се окупирани од паркирани возила, дека минувачите БУКВАЛНО се мачат да минуваат, дека со оваа БУКВАЛНО грда глетка се соочуваме секојдневно …За овој БУКВАЛНО голем неред ќе ве информираме во следниот прилог…
Така , ние гледачите добро и БУКВАЛНО бевме информирани за овој БУКВАЛНО голем проблем во Скопје. Ама јас БУКВАЛНО се препотив кога ми дојде мислата: Како водителката ќе ја реализираше најавата, ако во тој момент не се сетеше на зборот БУКВАЛНО?“
Буквално или брутално, некогашниот уредник на „Екран“ го кажал своето… Или поточно, она што го мислел – го напишал! Како уредничката и ТВ водилката на утринската на ТВ Сител ќе ја доживее критиката, и дали ќе има реакција на истата, останува на неа!?
Фото: Facebook/Timco Apostolov и Instagram/enna_inna