Градската сесија бр.21 во клубот „Станица 26“ ќе помине во знакот на џез-музиката, а присутните ќе уживаат со едни од најценетите џез-музичари во регионот – Душан Јевтовиќ, Васил Хаџиманов и Богдан Ѓурѓевиќ.
Јевтовиќ го вбројуваат во најталентираните европски гитаристи од помладата генерација, чиј музички сензибилитет критичарите го споредуваат со Роберт Фрип (Кинг Кримсон). Неговиот последен албум, „No Аnswer“, е на трето место за најслушан џез-албум на светските листи. Тој за своите изведби вели дека се како „амалгам на импровизиран пристап поврзан со џезот, заедно со сензибилитетот на големиот Џими Хендрикс, со навестување на српскиот етнички фолклор, создавајќи еклектична мешавина која вреди да се слуша“.
Концертот кој е во организација на „3 Гонга“, е закажан за 17 мај (четврток), со почеток од 21.00 часот, а влезниците се веќе пуштени во продажба.
Јевтовиќ ќе биде специјален гостин и на првото издание на фестивалот „Џез фактори“ во Битола кој ќе се одржува од 18-20 мај, а на 19 мај ќе настапи и во клубот „Џез ин“ во Охрид.