Спонтаните соработки често се покажуваат како едни од најдобрите, а доказ за тоа е и најновата песна на Дуке Бојаџиев – „Пеперутка“ – која се роди како резултат од неочекувана средба со неговите колеги Бранислав Николов алијас „Пијан славеј“ и Гоце Јованоскиод „Фолтин“ и Георги Шарески.
„Во февруари 2019, за време на мојата посета на Берлин за Берлинскиот филмски фестивал, случајно ги сретнав Пијан Славеј и Гоце од ’Фолтин’ (еден од моите омилени македонски бендови), како и мојот долгогодишен пријател од деновите во музичкиот колеџ Беркли, гитаристот и композитор Георги Шарески. Од спонтаните разговори за можна соработка, се вратив во Њујорк инспириран од моите колеги музичари и ја напишав ’Пеперутка’. Георги ги сними гитарите во студио во Берлин, Гоце ги сними басот и вокалите на Пијан Славеј во Битола, а сето тоа го довршив јас во моето студио во Њујорк“, раскажа Бојаџиев како се роди оваа приказна.
„Пеперутката“ доаѓа по минатогодишниот албум „Синергија“и е одлично загревање за концертот на 8-ми август што ќе го одржи во рамките на фестивалот „Охридско лето“ на сцената Долни Сарај во Охрид.Автор на музиката е самиот Дуке, кој стои и зад продукцијата, а заедно со Пијан Славеј ги напишаа и стиховите за песната.
Како звучи нивната музичка соработка преобразена во „Пеперутка“ , дознајте во продолжение.