Она што го ветија Панчо и Андреј од македонското ар ен би дуо ДНК и го остварија… Направија концерт за историја.
Во саботата вечер, на 3-ти декември 2022 година А1 арената „Борис Трајковски“ беше претесна да ги прими сите нивни фанови и останатите посетители кои ја исполнија до ниво да нема „игла каде да фрлиш“. Нешто што ретко им се случува дури и на регионалните и светските музички ѕвезди кога доаѓаат во Македонија, а од домашните можеме едвај уште една-две на прсти да изброиме што тоа го направиле, како „Меморија“, на пример.
Амбиент како што секој музичар посакува, а за ДНК дефинитивно ова беше настап на кариерата. Токму затоа можеби Панчо, Андреј и нивниот бенд кој функционираше беспрекорно моќно и прецизно како германска машинерија, дадоа се од себе, да возвратат онака како што нивната публика од нив очекува… Со сето свое срце и душа, вткајувајќи го сопствениот бит во македонскиот музички код! Како печат со кој за заверија својата дваесетгодишна кариера застанувајќи на пиедисталот на најдобрите и најголемите домашни музички артисти, кои слободно можат да им парираат и да се носат со оние од регионот.
Почнувајќи го настапот со најновата „Романи“, преку нивните постари и добро познати хитови кои публиката, особено онаа помладата, која расте со нивната музика во еден глас ги пееше од првиот стих заедно со препознатливите рефрени, па се до моментите кога на бината заедно со ар ен би дуото се појавуваа нивните специјални гости.
Од бит бокс, преку македонски фолклор, до трап и поп… Така, Наум Петрески уште еднаш потврди дека полека станува жива македонска фолк легенда…
Таско и Јанг Дади се иднината на новите жанрови, Ена е македонска поп принцеза, а Тамара неприкосновена господорка на сцената…
Џамбо и неговиот блех оркестар Агушеви се светски бренд… Впрочем како и поголемиот дел сите споменати, доколку би немале „географски хендикеп“ да живеат во Македонија. Да бевме некаде посеверно во Европа, ќе беа европски музички ѕвезди, што и вака секако не им ја намалува вредноста. Напротив, гордоста е поголема што имаме наше, не помалку добро и квалитетно од она туѓото!
ДНК и нивните гости секој на свој начин атмосферата ја доведуваа до еуфорија, со секоја нова песна, со секој нов перфоранс кој публиката ја фрлаше во транс. Посебни моменти во целиот 120 и кусур минутен концерт имаше неколку. Секако покрај специјалните гости, моментот на илјадници запалени блицови и светла од мобилните телефони направија ѕвездено небо, невидено и незапаметено уште од времето на концертите на Тоше. Токму една негова песна ДНК, односно Панчо изведоа, „замолкнувајќи“ ги злобниците дека е само „добар рецитатор“!
Кога сме кај Тоше и останатите познати или нам и ним блиски луѓе кои „повеќе ги нема“, ДНК направија оваа вечер да бидат најприсутни, како да се тука меѓу нас, иако никогаш и не излегле од нашите срца.
Имено, уште во самите најави на концертот како и на прес конференцијата одржана неколку дена пред истиот, ДНК обзнанија дека голем дел од средствата собрани од продажбата на билетите ЦД-ата ќе бидат донирани во хуманитарни цели, односно доделени на фондацијата „Марко Божиновски“ во која членуваат Панчо и Андреј и се големи поддржувачи на истата, формирана по ненадејната смрт на младиот македонски ракометар.
Тоа неколкупати го повторија на самиот концерт , а кулминацијата следуваше кога на сцената се појавија Џамбо Агушев и неговата блех дружина и заедно со Андреј, Панчо и бендот и секако публиката во еден глас ја изведоа „Ако утре ме нема“!
Во тој момент на големите екрани одеа фотографии на познатите македонски музички ѕвезди кои прерано заминаа и не се повеќе со нас…
Од Есма, Драган Вучиќ, Вања Лазарова, Бојс, Ацо Конга, Дуле Љубисављевиќ, Зафир Хаџиманов, Зоран Џорлев, Дј Ицко и Дј Бабура…
Па се’ до Тоше и секако ликовите на некои од починатите родители на членовите на ДНК.
Момент на силна порака дека не само хуманоста, туку и љубовта треба да ја шириме и практикуваме, да се сакаме и почитуваме, да се дружиме и помагаме… најмногу додека сме живи! За утре кога ќе не нема, некои други деца со гордост на нас да се сеќаваат и со пиетет да не споменуваат!
Завршницата со песните од почетоците како „Полна месечина“ или „Илјада ѓаволи“ до крај „ја запалија“ ионака веќе доволно „разгорената“ атмосфера, која беше величествена.
„Се вели, среќата е единствената работа што се множи кога се дели, а ние сме среќни што имаме пријатели како вас, среќни сме што имавме со кого да ја споделиме нашата љубов, емоции и музика и среќни сме што бевте и сте до и со нас“ – порачаа по концертот ДНК.
По сето прикажано, ние можеме само да им возвратиме: ДНК – долу капата!