Коронавирусот за жал, се’ уште царува, речиси секоја втора професија е принудена да мирува! Многу дејности се ставени „во лер“ и чекаат подобри денови да тргнат од „паркингот“, каде пандемијата принудно ги „паркираше“, на одредено време.
Во меѓувреме, додека поголемиот дел од луѓето се повлекоа во своите прибежишта за да се заштитат од опасниот „невидлив непријател“, она што е повеќе од видливо е дека природата се разбуди. нејзиниот главен „непријател“ е во „дефанзива“, па таа сос ета своја сила тргна во офанзива, во обнова на своите ресурси, кои ние луѓето свесно или несвесно, слчучајно или намерно се’ повеќе и ги уништуваме.
Делфини во Венеција, китови во Јадранот, мечки на автопат, ретки птици по езерата, срни по викендичките… се само некои од многуте забележани, дотогаш невообичаени појави. Најновата и овде кај нас во македонската престолнина или попточно нејзината најблиска околина.
Дивокози на Водно!? Ма, не е можно?! – зачудено ќе рече некој. Можно е… и тоа како е можно! Диви кози тоа необични… Овие не блеат, туку музицираат и пеат! Ако се’ уште не ви се верува, тука е фотографијата како „крунски доказ“.
„Ако коза лаже – рог не лаже“ – така велат, нели? Епа на фотографијата е добар дел од македонската естрадна елита. И авторска и изведувачка, зашто Александар Тарабунов, Роберт Билбилов, Дарко Димитров, Огнен Здравковски, Роберт Зимбаков, Зоран Стојановски – Зонде… не се било кои! Едни од најпознатите македонски музичко, текстуално-визуелни автори, кој композитор, продуцент, музичар, пејач… кој текстописец или уметнички фотограф и режисер, се собраа на купче, па решија дејноста да ја заменат со малку спорт или поточно колективна прошетка во природа!
Па како крдо диви кози, како што напишал самиот Тарабунов под фотографијата, правец искачување на врвот на Водно! Ем корисно, ем забавно, ем здраво, ем социјална дружба и размена на искуства, а можеби и по некој договор за нова соработка… Во секој случај, убаво и полезно!
Овој пат друштвото „естрадни дивокози“ беше машко – „прч до прч“! Колешките под естрадата останаа во подножјето на Водно. Која по дома, „љубоморна“ што не ја викнале со нив, како Елена Ристевска на пример, која „лута“ што тие шетаат, а не ја оставиле да ги чека во студио, ко „утка“… како Тамара Тодевска!?
Како и да е, многу талент на една фотографија, како што напишал еден нивни пријател, покрај споделената слика. Можеби следниот пат талентот на фотографијата ќе биде уште поголем, зашто двете распени дами веднаш добија понуда следниот пат да и се придружат на естрадно – планинарската екипа… За, заедно да се потат!