Се сеќавате ли на темата „Луд сум по тебе“ која Александар Тарабунов – Тара ја испеа во 2017 година, а кон почетокот на оваа и ја екранизираше со интересен видеоспот?
Токму истата таа тема, чиј автор е македонскиот хитмејкер и музички продуцент Роберт Билбилов деновиве доби уште една, овој пат „гудачка“ верзија!
Имено, македонското женско гудачко трио „Trinity Strings“ предводено од виолинистката Ирена Стојановска алиас „Ина Виолина“, која е професионален музичар во оркестарот при Македодонската опера и балет, заедно со своите колешки ја адаптираше истата тема во инструментална верзија.
Се разбира, девојките ( Ина, Марта и Александра) по теркот на светски познатите Ванеса Меј или „Бонд“ во свој стил ја преработија песната на Билбилов насловувајќи ја „Crazy about you“, за која адаптацијата и аранжманот го направила самата Ина Виолина, а зад проектот стои и продукцијата на Билбилов – „Just RB production“.
Гудачката верзија на „Crazy about you“ звучи прилично свежо и во себе носи модерен светски призвук, што е несомнено и една од препознатливите страни на Билбилов, но и аранжмански сосема се вклопува во опсегот што го нудат двете виолини и виолончелото на трите девојки, кои со својата атрактивност и изразен сексапил и даваат и нота на поширока прифатливост на целата приказна, надоградувајќи музичката со визуелната компонента. Токму по теркот на претходно споменатите светски ѕвезди кои го негуваат ваквиот музички правец и стил на музицирање.
Доказ за тоа е и едноставното, но артистички сосема функционално видео, во кое покрај раскошната убавина и атрактивност на девојките, се појавува и моделот Филип Наков, кој заедно со артистичките способности на трите грации ја заокружува звучната со визуелната слика, создавајќи убаво спакувана аудиовизуелна композиција.
На режијата на спотот својот потпис го ставил уметничкиот фотограф и режисер Зоран Зонде Стојановски, чие видео, заедно со верзијата на „Crazy about you“ на женското гудачко трио „Trinity Strings“, можете да ја проследите во продолжение: