Само два месеци по промоцијата на неговиот деби сингл „Злато моје“, младиот велешанец Давид Михајлов работеше забрзано на својата нова песна.
Пред неколку дена преку интернет каналот Јутјуб и социјалните мрежи, Давид ја промовираше и својата втора песна која е насловена „Моја мала“. Како за првата, така и за втората песна, талентираниот Давид работеше со Темелко Андреев и неговата „Sidechain Production“.
Темелко се потпишува како автор на музиката, текстот и аранжманот, а исто така негов е и миксот и мастерот. За пакетот да биде целосен, за песната беше изработен и видео спот чија реализација ја потпишува Владислав Гавриловски.
Давид е решен уште од стартот на својата кариера да ја освои не само македонската публика, туку и регионалната, па затоа како и „Злато моје“, така и „Моја мала“ ги отпеа на српски јазик.
-Одлучивме да правиме песни на српски јазик бидејќи пазарот е многу поголем и стилот на музика е многу поприфатен… Музиката не познава граници, нации и јазици… Една од причините е тоа што имам примамлива понуда од Србија за која наскоро ќе дознаете. Третата песна веќе е готова, работиме забрзано и напорно бидејќи веруваме дека само така може работата да вроди плод, а песна на македонски јазик секако е во план, ги открива Давид своите планови.
Иако новата песна е релативно кусо време на Јутјуб, истата веќе има речси 40 илјади прегледи.
Слушнете ја „Моја мала“ и дајте му шанса на Давид да ги освои вашите симпатии!