Дарио Панковски е еден од ретките македонски музички поп ветерани, кои се’ уште се активни на домашната естрадна сцена. Познат како пејач, а уште повеќе и самиот како автор, кој можеби твори полека, песна по песна, една-две во годината, но како по правило, се’ што ќе напише или станува хит или останува евергрин.
Така, ланските (2019) „Ишала“ и „Горе, горе“, беа повеќе инстант хитови, брзи песни за забава и танцување кои во себе го носеа мирисот на Ориентот или шмекот на латино ритамот, проткаени со духот на Медитеранот, зачинети со магијата на Балканот.
Најновата песна, која вчеравечер (02.април, 2020 год.) Дарио ја провираше на социјалните мрежи и Јутјуб каналот е една од оние што ќе остане… Песна за навека. Една од оние негови песни што со текот на времето стануваат евергрини и со годините само добиваат на вредност.
„Еј животе“ е балада со типично балканска душа во себе, тамбурашка поп песна која со грст емоции од срце ќе се пее подеднакво гласно и на концерт и во кафеана. Песна за текот на животот низ годините и сето она што тој ни го носи, ни го дава и зема, песна за сета радост силно гушната во неговите прегратки и сета тага цврсто зграпчена во неговите канџи… Едноставно, песна со уникатна вредност и значење, универзална приказна за животот и пораката која тој ни ја праќа, која важи за век и векови!
Нешто како логично продолжение на неговата „Зајди јасно сонце“, исто така евергрин – балада испеана пред години, со грчки бузуки мелос во себе.
Музиката и текстот на „Еј животе“ се авторско дело на самиот Дарио Панковски, а аранжманот го потпишува уште еден проверен ветеран, Кристијан Габроски.
Во недостаток на вистинско видео, а ќе биде вистинска штета да не се сними спот за ваков „бисер“ што претендира да прерасне во евергрин, покрај премиерното слушање на песната, ви ги нудиме стиховите на „Еј, животе“, кои веројатно ќе допрат многумина од вас:
„Еј, животе“
Од црн плиш тешка завеса секое утро се подига пред нас,
Друг ден, друга улога, публика нова, а истата е таа стара претстава
Победа денес, слава, ловори, а утре тага од горки порази, ги играме тие неколку чина година по година
А како одат години, се’ некако се пократки,
Рефрен:
Еееј животе, колку бол ни нанесе, зарем мора вака тешко да е, еееј животе, а колку радост донесе, ма прекрасен си покрај се’,
Еееј животе, до кога никој не знае, затоа ноќва другари стари, со полни чаши за нас да наздравиме!
Не научи дека треба да се љубиме, и да сме силни кога некој губиме, на секој нов ден, на секој миг да му се радуваме.
А како одат години, чашите ни се попразни.
Еееј животе, колку бол ни нанесе…