Дамјан Стојаноски, еден од најперспективните и најталентирани македонски фолк пејачи, вчера, среда 19 октомври 2022 година, стана татко по втор пат. Тој и неговата сопруга Елена Билеска повторно се остварија како родители, но овој пат добија женско чедо.
Така нивното двегодишно синче Војдан доби сестричка, а гордата и среќна баба и мајка на пејачот, долгогодишната новинарка во „Нова Македонија“ и МРТВ, Евица Камберова – Стојаноска прва јавно ја обзнани убавата вест за доаѓањето на приновата во нивното семејство, на својот Фејсбук профил:
„Денес станав баба и на Јана. Војдан си доби сестричка, а тато Дамјан и мама Ели, ќерка. Да ни е жива и здрава и многу да не радува!“ – споделила новинарката која прва и го откри името на малечката принцеза и нејзина внука.
Инаку, пред нешто повеќе од една година пејачот и неговата сопруга својата љубов ја крунисаа и пред Бога, а плодот на нивната љубов – синчето Војдан тогаш стана и чедо православно.
Во меѓувреме малечкиот го прослави и својот втор роденден, а сега семејството се комплетираше со доаѓањето на свет на уште една принова, малата убавица Јана.
Инаку, Дамјан Стојаноски е син на легендата на македонскат фолк музика и некогашен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот парламент, покојниот фолк пејач Војо Стојаноски.
Тој тргна постапките на својот татко и одлучи професионално да се занимава со музика, но и да го продолжи неговиот пат, негувајќи го традиционалниот, изворен македонски фолклор, кој како и татко му, го вткајува и во новосоздадените песни кои самиот ги пишува и пее.
Од друга страна, како и во мноштво од песните на татко му, љубовта кон татковината Македонија и патриотскиот дух исто така неретко се тема на неговите песни и се длабоко вткаени во содржината на нивните стихови.
Таков е случајот и со неговото последно авторско остварување насловено „Свири гајдаџи“, на кое комплетен автор ( музика и текст) и изведувач е самиот Дамјан Стојаноски, а истото се појави кон крајот на месец мај годинава 2022 (КЛИКНИ ТУКА).