Лице в Лице без маска

Дадар: „Кога зборувам со некоја жена секогаш замислувам како треба да е нашминкана“ (ВИДЕО)

Дадар: „Кога зборувам со некоја жена секогаш замислувам како треба да е нашминкана“ (ВИДЕО)

Александар Билјановски – Дадар цели 22 години ги разубавува дамите. Сеедно дали се тоа од јавниот живот или сосема обични девојки и жени кои доаѓаат во неговиот салон, Дадар вели дека за него е предизвик кога треба некого да разубави. Како минуваат годините, така и тој го менува стилот, па сега веќе не ја шминка секоја девојка со виолетови нијанси како на почетокот.

„Тогаш мислев дека знам сè и дека секоја жена треба да ја шминкам со виолетово, без разлика дали ѝ стои или не. Низ годините научив нови трикови и техники, и сега со дамите секогаш се договараме пред да почнам да ги шминкам“, ни кажа Дадар во разговорот.

Ни откри и дека оваа сезона хит се интензивни бои, зелени, портокалови и розови нијанси.

Во неговото студио доаѓаат сите. Од домашни и странски пејачки и актерки, до бизнисменки и политичарки, скоро и да нема некој со кого Дадар не соработувал низ годините. Искрен е кога вели дека на почетокот имал многу поголема самодоверба, но и младешки ентузијазам и дрскост. Која дама и да дошла за да ја нашминка, тој никогаш не се плашел дека тоа нема да ѝ се допадне.

Шминкањето му е прва љубов, а почнала во осмо одделение кога случајно нашол цртеж од око што го нацртал татко му. Вели, толку многу се опседнал со сликата што окото почнал да го црта буквално секаде.

„Потоа почнав да шминкам, прво сестра ми близначка, братучетките, другарките, секогаш имав модели на кои можам да вежбам. Знаеш, на сестра ми ѝ велат дека ѝ е лесно оти Дадар ѝ е брат, па во секое време има професионална шминка, а таа е спортски тип, сосема спротивна од мене и доаѓа да ја шминкам еднаш во две – три години. Имам и брат, кој е пет години постар од нас и со кого сме многу блиски“, раскажува за „Репортер“ познатиот мејкап артист.

Тука ни ја раскажа и приказната за невестата што му заспала на столче додека ја шминкал пред свадба, но и за поранешната Мис на Македонија, Сања Николиќ. Кога се запознале, Сања го прашала дали е добро нашминкана. „Ѝ кажав дека изгледа одлично, ама кога ме праша што би сменил, ѝ реков дека белата боичка за очи би ја заменил со кафена, би избрал друга боја на кармин а и поинаква сенка. ‘Па добро ми викаш убаво сум нашминкана, а ништо не ти се бендиса’. И така почна нашето пријателство“, низ насмевка се сети тој.

За пријателството со Каролина и дали купува билети за концерти или пејачите секогаш му даваат гратиси, Дадар зборува многу искрено. Тука се и приватните муабети за внуците кои не крие дека ги обожава.

Но и за тоа дали имаат дамите нереални очекувања кога ќе дојдат кај него, кои се матурските трендови и што им препорачува на невестите оваа сезона, дали има клиенти мажи и што бараат тие… Гледајте го видеото.

To top