Е мој Зајко… кукурајко и целата таа свита околу тебе! Како не се погледнавте во огледало пред да го направите овој циркуз и не се запрашавте, како тоа токму вас ве најдоа она што под 5 века турско, со години српско, бугарско… ниту еден Македонец не го направил, да го направите?
Да бидеш кројачот на судбината на својот народ, негов кадија и негов џелат! Слободно можевте да се соберете и на Змискиот остров Голем Град рано изутрина на Преспанско, за никој да не ви пречи и да не ви додева да си ја завршите договорената работа. Ама, сеедно, и вака на дива плажа како на свадба без сватови и крштевка без родители, си ја преземавте самите улогата: да бидеш и невестата и кумот на таканареченото „Северно копиле“ кое дома никој не го сака, ама на туѓунците и тоа како им треба. И тоа, а им требате и вие! Ама, само за една употреба… Како тоалетна хартија. Откако ќе си ја завршат работата – на буниште! Зашто „Севернoто копиле “ никој не го сака, па дури ни жалната му мајка, во случајов Македонија, која ја исмеваат и понижуваат заради него!
Убаво напишаа и кажаа токму тие, кои меѓу другите беа самопоканети сватови во првите редови на „црната свадба“. Да, така наликуваше вашата „преспанска веселба“ на која пред белиот шатор на невестата на сила и го сменија името, ветувајќи и дека наскоро ќе влезе во куќа во која ќе тече мед и млеко, а таа ќе живее во раскошот наречен ЕУ!
Така наликуваше „трагичната крштевка“ на која прегрнати и гушнати со „кумот кој ти го тури… тоа лично име“ , насмеани од уши до уши го славевте прекрстувањето. Само, заборавате ли дека кој последен се смее – најслатко се смеe!? А, оној што наседнал на вицот, останува „насмеaн“… довека!
Ама едно е сигурно… Можете да го крстите и прекрстувате овој народ и оваа земја колку што сакате. Тоа е ваше, така сте одбрале. Пробувале и други, па ништо! Така ќе биде и овој пат. Зашто со сила убавина не бива. Со сила можеш некому нешто да му земеш, а не и да му дадеш. Најмалку име! Народот Македонски знае и кој е и што е… И кој му е идентитетот и како се вика и тој и неговиот јазик, како се вика неговата земја. Географијата не оди заедно со битот, со исконот. Територијата се менувала, ама името останало едно. И во Егејот и во Пиринот и кај нас… Македонија е Македонија, а не така како што вие ја свиткавте кичмата, па сакате да и ја свиткате и нејзината, прекрстувајќи ја како што им чини на другите. На оние, на кои им јадете од рака!
Затоа вашата „црна крштевка“ на “Северното копиле“ ќе заврши поразитално… Како за „кумовите“, така и за вас, кои ја прифативте и организиравте. Цела среќа, вратоврските беа симнати… И подобро што е така! Зашто, како што една стaра поговорка вели: „Човек дури на бесилка ќе увиди, колку вратоврската може да биде штетна работа“!