Мегафон

Центарот за култура – Битола организира летно кино на отворено

Центарот за култура – Битола организира летно кино на отворено

Битола е филмски град и не смее да остане без кино, дури и во време на Ковид кризата.

-„ Работевме интензивно последниот период на техничко решение за летно кино и го имаме резултатот. Мало летно кино, на една од најдрагите локации во нашиот објект, на косото плато под службениот влез на Центарот за култура и Малата сала.  Капацитетот ќе биде ограничен на околу 50 посетители, а цената на влезниците ќе биде по симболична цена од 100 денари. Филмските проекции ќе бидат реализирани по здравствените протоколи, меѓу кои на посетителите ќе им биде мерена телесна температура, задолжителна ќе биде дезинфекцијата на раце и носењето на маски.“ – соопштуваат од НУ Центар за култура – Битола.

Билетите за проекциите ќе се продаваат пред почетокот, на принципот „прв дојден, прв услужен“. Сите проекции ќе започнуваат во 20:30ч. Во репертоарот ќе бидат вклучени наградувани европски филмови од познати режисери, комедии кои што на публиката ќе им овозможат пријатно расположение и мала пауза од секојдневието, како и филмови за најмладата публика.

Реализацијата на проекциите ќе зависи од временските услови, а репертоарот ќе се објавува на неделно ниво, при што секој ден ќе се прикажува нов филм.

Почеток на работата на летното кино е од вторник (18 август) со комедијата „Добредојдовте во Германија“, во среда 19-ти август ќе се прикажува Оскаровецот „Паразит“ а во четврток  уште една комедија „Брит Мари беше тука“.

To top