Градска сесија со „Хагис хорнс“ (The Haggis Horns), фанк-сензацијата од Велика Британија, ќе се одржи в среда, 6 декември, со почеток во 22 часот, во ноќниот клуб „Станица 26“, најави концертната агенција и продукција „3Гонга“.
Овие седум екстравагантни обучени џез музичари во живо звучат и подобро отколку на самите студиски албуми. Нивната музика е комбинација на брејк-бит фанк, хип-хоп, афро-бит и џез.
На оваа група докажани музичари и не им е потребна помпезна најава, земајќи предвид дека досега соработувале со музичари како „Џамирокваи“, Џон Леџенд и „Рутс“, Ејми Вајнхаус, Марк Ронсон, Марта Ривс, Рутс Манува, Лу Доналдсон, Адел, „Морчиба“, Роби Вилијамс, „Дјуран Дјуран“, Лили Ален…
Тие се во првите редови на фанк-сцената во Велика Британија. Од 2004 година па наваму имаат издадено четири студиски албуми. Групата ја сочинуваат Кени Хигинс, Малколм Страчан, Роб Мичел, Атол Ренсом, Ерол Ролинс, Џорџ Купер и Бен Баркер.
Билетите за концертот се веќе во продажба на „Купи карти за сè“.