„Brass Brothers“ се музичка група формирана пред осум години и функционираат како бенд препознатлив по динамичните, живи настапи. Момчињата од бендот се враќаат на македонската музичка сцена со серија од нови синглови од нивниот прв албум.
Овие денови тие ја промовираат нивната нова песна „Balkan Mayhem“, која во исто време е и носечка на истоимениот албум. Новото издание е инструментален експлозивен спој на дувачки инструменти со драм ен бејс, Балкан бит и џангл стил олицтворени во нивната фуриозна свирка, фантастично ја доловува силната, набиена атмосфера од живите изведби на еден од најенергичните македонски бендови.
Музиката одново ја потпишува Горан Мицевски Кус, додека аранжманот на песната е заедничко дело на Ненад Тодоровски – Todd Haze, Ристе Шандаров и Горан Мицевски Кус. Balkan Mayhem е снимена во студио Алшар во Скопје, додека Микс и Мастеринг се изработени од Пауло ПГ од Бразил.
Огромен придонес во музичката реализација на Balkan Mayhem имаат и долгогодишните музички брас соработници на Brass Brothers: Стефан Тасевски – Соло Алт Саксофон, Иван Трајковски – Тенор Саксофон, Илија Мицев – Соло Труба, Стефан Илиев – Труба и Александар Нинич – Туба.
Како и останатите музички изданија на Brass Brothers и “Balkan Mayhem” e достапна за преслушување и купување на сите светски дигитални платформи и дигитални музички продавници.