Познатиот македонски ракометар Борко Ристовски во месец март наредната година за првпат ќе се реализира во улогата на татко, а на свет ќе дочека синче од својата сакана Николина Ристовска.
Убавата вест за приновата прва ја објави убавата Нина која на социјалните мрежи објави фотографија од зголеменото стомаче во прв план и откри дека е петти месец премена.
Веста инстантно се појави во домашните медиуми, но со неточни детали, односно дека Борко и Нина веќе станале родители. Во трката кој да биде попрв за ваквата објава, дел од интернет порталите направија кардинална грешка, која набрзо излезе со вистинската приказна на Вистина.мк.
За да нема дилема, Борко се огласи и преку интервју за спортскиот портал Екипа.мк, каде покрај новитетите на поле кариера, ја отвори душата и за моментално неговата најголема радост околу која е окупиран- доаѓањето на бебенцето во нивниот живот.
Да, со мојата девојка и идна сопруга, Нина, чекаме принова. За прв пат ќе станам родител и да бидам искрен, чувството е неверојатно, не може да се опише. Во прв момент бев збунет и помалку изгубен, за мене нова ситуација, радосна и позитивна, но не знаев како да изреагирам. Пред неколку дена кога дојдовме во Македонија, и јас бев на последните прегледи и реков дека повеќе нема да одам. Тоа било потешко од се друго, чувствував некој притисок во градите, дланките ми се препотија. Реков, не одам веќе, повеќе белја правам. Среќен сум, ова е едно од најубавите чувства во животот. Детето менува многу работи во живот. Сите работи што претходно ме интересирале, сега одеднаш ми станаа споредни. Имам мини колекција на вредни часовници и одеднаш тоа хоби и сите тие часовници изгубија вредност, автомобилот изгуби вредност, се друго изгуби вредност и сега сите мисли се насочени на детето што е на пат, на обезбедување на неговата иднина. Со Нина веќе почнавме да планираме и каде да му купиме стан на детето уште неродено, па моите почнаа да се шегуваат со мене дека малку сум збунет и „изгубен“ во оваа нова ситуација. Принова чекаме во март, значи меѓу Европското првенство и финалето во Лигата на шампионите по ракометните термини. Ќе биде „бурна“ година, дефинитивно, ама се надевам, многу среќна и успешна.“, откри Борко за Екипа.мк