Македонската мисица, манекенка и модел Билјана Јаневска уште еднаш докажа дека е своевиден светски феномен. Преку ден вработена во фирмата која ја држи најголемата скопска, ако не и македонска депонија, а во слободно време мисица која и носи титули, круни и дијадеми на Република Македонија!
Веројатно единствен случај во светот каде ѓубрето и сметот, заедно со убавината и шармот без мака одат заедно под рака и колку наизглед ова да нема логика и смисла, дека постојат исклучоци уште еднаш демантираше нашата мисица од „Дрисла“!
Имено, Билјана деновиве се закити со уште една титула за убавина – стана прва придружничка, до душа на онлајн избор кој се одвиваше во далечната Јамајка, каде нашата убавица ја претставуваше Македонија на светскиот Избор за Мис Модел Туризам.
На „мисица од Дрисла“ и се оствари уште еден сон како од бајка, откако со својот шарм и убавина „ја освои“ Јамајка!
„Крај! Готово е! Ви благодарам на сите за сета поддршка, мојот сон стана реалност! Го постигнав тоа за што сонував во животот. Оваа награда ти ја посветувам на тебе тато, твојата кукличка е на второ место за избор на мис. Те сакам… Македонијо“ – напиша мисицата посветувајќи му ја наградата на својот неодамна починат татко!
Инаку, Билјана на овој избор уште додека истиот беше во тек, се закити со уште две титули: „За најдобар изглед и најдобар костим за капење“ – обзнани уште претходно Билјана.
Фото: Фејсбук принтскрин/Biljana Janevska