Радио Милева „медената“ хероина...

Атиџе Муратова пред ноќта на оскарите: Немам завршено основно училиште, но дома од татко ми научив турски, а од соседите Власи, македонски јазик (ФОТО)

Атиџе Муратова пред ноќта на оскарите: Немам завршено основно училиште, но дома од татко ми научив турски, а од соседите Власи, македонски јазик (ФОТО)
Немам завршено основно училиште, но учевме дома на турски јазик со татко ми. Со него бевме особено блиски. И со мајка ми, ама со татко ми повеќе, вели Атиџе
Во живо е уште помедена. Атиџе Муратова е топла како тазе извадено бабино лепче, мудра каква што само луѓето што се во допир со природата можат да бидат. Атиџе ги сака луѓето, срдечна е, непосредна, забележува детали и е отворена да зборува за себе. Со неа се сретнавме пред десетина дена. Вели дека воопшто не ѝ пречи што новинарите ја бараат и дека ѝ годи вниманието. Таа е веќе во  Лос Анџелес и утревечер, заедно со членовите на екипата на „Медена земја“, ќе ужива во церемонијата на доделување на „Оскарите“. Македонија првпат е номинирана во две категории за светската награда – за најдобар документарец и за најдобар странски филм.
Ја навративме на периодот кога се запознала со екипата на филмот. Таа признава дека од првиот момент кога екипата на „Медена земја“ пристигнала во нејзиното село Бекирија, била среќна: „Посакував никогаш да не заврши снимањето на филмот“.
– Љубо, Тамара, Самир, Фејми, тие се појавија во за мене тежок период. Всушност, најтешките моменти ги споделив со екипата. Воопшто не ми беше проблем да ме снимаат со камера. Не ми беше срам да зборувам со нив, ќе бев уште посреќна никогаш да не завршеше снимањето на филмот. Поминавме три години заедно и уште толку да беа, немаше да ми пречат – вели таа.
Атиџе си ја отвори душата со нашите читатели и сподели дека пред девет години имала тешка несреќа, кога соседско куче ја нападнало.

– Девет години ми беа пеколни. Кучето ме нападна и едвај преживеав. Примив 60 инјекции и се онесвестував многу често. Сѐ уште ми се одразува на срцето. Добро е што преживеав. Затоа, кога дојдоа да го снимаат филмот, бев многу среќна. Имаше моменти кога се мислев и да ја напуштам државата, ама не сакав да ја оставам мајка ми. Не беше таа мало дете, па да ја кренеш и да ја носиш некаде. И заедно истеравме докрај. Кога го правевме филмот, стигнував и да снимаме и за мајка ми да се грижам, а и за пчелите – ни признава вредната Атиџе.

Со пчелите почнала да се занимава уште на 12 години, заедно со своите тројца браќа. Вели дека биле сиромаси и не можеле да купуваат храна, па решиле сами да почнат да си одгледуваат пчели. Нејзиниот дедо (таткото на мајка ѝ) одгледувал пчели.
– Дедо ми, таткото на мајка ми, имал пчели, но јас не го ни запознав. Мајка ми многу ми раскажуваше за него. Во тоа време секоја куќа чувала колку за јадење да има. Немало благо како сега во изобилство. Сокови, чоколади, бонбони јас пробав пред некоја година. Некои гледаа пчели, па имаа мед, други вареа тикви, а некои пукаа пуканки. Ама отсекогаш се сметало дека каде што има пчели, има и богатство, односно храна. Како деца купивме една тегла мед, ама сфативме дека нема да ни биде доволна. Така ни дојде идејата да почнеме со пчеларството да си правиме колку да имаме за јадење – вели Атиџе.
Таа има тројца браќа, од кои едниот живее во Дорфулија, другиот во велешкото село Кочилари, а од третиот брат има внуци во Валандово. Вели дека од нив добила поддршка за снимањето на филмот.
Ни се наметна прашањето како научила македонскиот јазик.

– Во нашето село имаше седум куќи со Власи од кои научив македонски јазик, а имаше и Албанци. Ние бевме единствена фамилија Турци и многу сум среќна што научив да зборувам македонски. Немам основно школо, но учевме дома на турски јазик со книги. Татко ми нѐ учеше. Во нашето село немаше школо. Најблиското школо беше во селото Кишино, каде што живееја Македонци, Албанци и тоа беше на еден час од нас. Татко ми знаеше што да нè научи, ни беше учител. Да продолжеше уште да нѐ учи, ќе знаев и повеќе. Со него бевме особено блиски. И со мајка ми, ама со татко ми повеќе – вели Атиџе.

Вели дека документарен филм немала никогаш гледано пред „Медена земја“.

– Дома имавме само едно мало радио. Првпат го гледав филмот во кино и тоа беше на премиерата во киното „Милениум“. Некако ми беше срам, ама не жалам за ништо што сум кажала во филмот. Јас бев искрена. Отсекогаш сум сакала да пеам, да одам по фестивали и многу ми беше ќеф што ми се случи тоа – се смее Атиџе.

Ја прашавме дали ѝ пречеше присуството на номадското семејство Сам. Дали ѝ пречеше што нивниот однос кон пчелите беше многу поразличен од нејзиниот.
– Некои луѓе мислат само на пари. Мора да бидеме скромни и мора да го делиме медот со пчелите, да има и за нив и за нас. Имавме некои расправии за да ги стават децата во ред. Се обидував да ги убедам децата повеќе да соработуваат за филмот. Малата Загамзе не сакаше многу да зборува и јас пробав да ја убедувам да соработува за филмот. Ѝ велев: „Ајде Загамзе, кажи нешто, ќе ти дадам чоколадо, да кажеме нешто, па да завршиме работа и може ќе станеш ѕвезда“ – се потсетува Муратова.

По филмот Атиџе имаше можност првпат да лета со авион. Во Њујорк таа ја доби наградата за најпривлечен лик во документарец што ѝ ја додели Американското здружение на критичари. Како изгледало да се лета со авион?

– Беше многу интересно. Кога влегов во авионот, прво не можев да слушам, па Самир ми рече да ги затнам ушите. И се почувствував како птица на небото. Во Њујорк ми беше малку смешно со рекламите на зградите. Ниту ѕвезди не можев да видам, ниту Месечината. Едвај чекав да се вратам во Македонија да го видам небото. Најчудни ми беа зградите, а луѓето многу убаво се однесуваа. Во големиот парк беше исто така многу убаво. Таа, главната глумица, дојде да се поздрави специјално со мене – среќна е Атиџе.
Таа е среќна што ќе може да се пресели во с. Дорфулија, каде што тимот на „Медена земја“ ѝ купи куќа. Вели: „Не сум многу нестрплива да се преселам оти сега почесто одам таму, си средувам внатре и во дворот“. Атиџе е благодарна за секоја помош што ја добива. Неодамна од Општината во Лозово ѝ понудија да работи како хигиеничарка.
– И да работам друго, пчелите нема да ги оставам. Луѓето ми понудиле, им благодарам. И досега ми предлагале да ми најдат работа, ама ми беше проблем што селото ни е отсечено и не можев да патувам. Јас можам и на лозје да работам. Ќе берам и ќе пеам – се смее Атиџе.
Признава дека сакала да има свое семејство и посакувала да роди две деца.
 
Фото: Борче Поповски
To top