Лице в Лице

Андријана Јаневска: „Ни татко ми, ни маж ми не се моторџии, а јас за месец дена положив и си купив мотор“ (ВИДЕО)

Андријана Јаневска: „Ни татко ми, ни маж ми не се моторџии, а јас за месец дена положив и си купив мотор“ (ВИДЕО)

Андријана Јаневска повеќе од 20 години е на музичката сцена. Кога првпат настапи на Скопскиот фестивал во ’98 не ни мислела дека толку долго ќе се занимава со пеење. Денес зад неа се настапи, песни, манифестации. Таа е професорка по виолина, ама ретко кој знае дека последнава години е и моторџика. Вози Хонда. Иако на сопругот Гино, а и на татко ѝ не им се допаднала идеја, Јаневска денес вози мотор.

„Не знам ни јас како се решив. Кумот наш вози мотор, па еден ден дојде, свртевме еден круг и сфатив дека тоа е тоа.  Кога одев на часовите за да полагам за мотор, во еден момент си реков, што ми е мене, ама ете адреналинот си го направи своето“, открива Јаневска и додаде: „Но, јас многу внимавам и возам со 16 очи отворени“.

Не е тајна дека е љубител на формула 1. „Од мала барав татко ми да ми дава да возам, затоа денес со страст гледам формула“, открива Андријана за „Репортер“.

Освен возењето, голема страст ѝ е риболовот, а до скоро учествуваше на шаховски натпревари.

„Шах престанав да играм затоа што многу се нервирам. После една партија на Првенството во Струга кога скоро 4 саати игравме со еден постар господин, добив шаховско слепило и ја предадов партијата. Противникот ме фати на кондиција. Инаку љубовта кон шахот ми е од дедо ми со кого играв уште како мала“, вели Андријана.

Мајка на два сина и 13 години е во брак со музичарот Гиновски, некогашниот гитарист на „Архангел“. Вели: „Се вљубив во него оти стално ме засмејуваше, а така е и денес. Тој е 15 години постар од мене, ама тоа никогаш не ни ги менува работите“.

Најмногу од сè ја погоди смртта на нејзината мајка, за која вели: „Не бевме ни свесни, таа почина ненадејно. Болката си ја носам во себе. Ми фали таа нејзина одлучност. Јас секогаш се колебам за работите, а таа ќе ми помогнеше да решам. Секогаш ми беше ветер во грбот“, вели Андријана.

Низ муабетот дознавме многу работи за неа. Едната од нив е дека живее со свекрвата, со која оди задно и на одмор и дека одлично функционираат. „Види, сите ми се чудат како одам на одмор, а јас немам проблем. Кај нас дома секој си ги знае обврските. Јас го средувам дворот, Гино коси трева, свекрва ми готви  ручек“, искрена е Андријана.

Од почетоците на музиката до денес, за бракот и семејството, за загубата на мајка си, моторот како страст, шахот како пасија и уште еден куп муабети…    Гледајте го интервјуто.

To top