Доволно храбра да наметне нови стандарди и доволно своја и автентична да влијае на прогресот и трансформацијата на поп кулутрата кај нас. Таа дефинитивно е една од најталентираните и најуникатните женски вокали што некогаш се појавиле на македонската музичка сцена.
Нејзиното име е Александра Јанева и токму таа, на јавноста и го претстави своето ново музичко парче кое го носи насловот „Утрото ќе промени се“, а со својот глас и чиста емоција и овој пат никого не остави рамнодушен. Оваа песна беше затворена во фиока повеќе од една година, го чекавме вистинскиот момент за да ја објавиме и еве конечно дојде.
„Секој стих од мојата музика е вистинска приказна. ‘Утрото ќе промени се’ зборува за тоа дека понекогаш е подобро да кажете не и да кажете доста е, затоа што тоа е половина здравје. Ми требаше многу време и храброст да научам да кажам не и да се борам за она што е добро за мене. Затоа што кога ќе го научите тоа, ќе ви биде многу полесно во животот. Барем мене ми е“ – вели Александра.
И за овој проект Александра работеше со одбрана екипа. Зад текстот се потпишуваат Драги Величковски – Тајзи и Лазар Цветкоски, музиката е на Александра и Лазар, а видеозаписот го потпишува Горан Симјаноски.
Во маестралноста и квалитетите на Александра Јанева досега се имаме уверено многупати. А сигурни сме и дека она што допрва ќе го чуеме од неа ќе биде исто толку добро и емотивно како и се што досега има сработено.
Во продолжение слушнете ја „Утрото ќе промени се“, песна за која сме сигурни дека ќе сакате да ја слушате одново и одново.