Промотер

Александра Јанева добила навредлива порака од обожавател, па се инспирирала за – „Глумиме“ (ВИДЕО)

Александра Јанева добила навредлива порака од обожавател, па се инспирирала за  – „Глумиме“ (ВИДЕО)

Велат дека оние песни кои се пишуваат во еден здив се токму тие, вистинските, најубавите, а токму такво нешто и се случи на познатата пејачка Александра Јанева пред извесно време. Нејзината нова нумера со наслов „Глумиме“ е направена буквално така… во еден здив.

„Испровоцирана“ од обожавател кој на социјалните мрежи се дрзнал и напишал навредлива порака, било доволно Јанева да се инспирира и заедно со композиторот Лазар Цветкоски да создадат музичко дело кое сигурни сме дека ќе допре до секој од вас. Дека инспирацијата е навистина поради пораката од обожавателот, потврдува и Јанева.

„Секој пејач кој често настапува во живо знае дека очите на публиката се постојано вперени во него и секој негов чекор буди најразлични чувства и поделени коментари кај нив. Инспирацијата за „Глумиме“ дојде после една необична порака која ја добив во инбокс, од лажен профил. Се насмеав на пораката и првото нешто што ми дојде на памет беше колку им е забавно на поединци да ѕиркаат во туѓи животи. И така почнав да си реплицирам, со рефрен за нова песна. Инаку за неколку дена и јавно сакам да ја објавам пораката која ја добив, сметам дека мојата публика треба да го види тоа“ – вели пејачката Јанева.

Рефренот има доста силни зборови во кои веруваме дека ќе се пронајдат многумина од вас, а тој гласи вака: „Сите можеме да глумиме и туѓи животи да судиме, но каков живот имаш ти, кажи ми?“

Александра токму со овие зборови се појавила пред студиото на Лазар Цветкоски и двајцата песната ја создале за кратко време…

Инаку Јанева и за оваа песна соработува со режисерот Ѓорѓи Вацев, а покрај неа, во спотот се појавува и моделот Илија Андов кој одлично си ја заврши својата работа. За нивниот стајлинг повторно се погрижи стилистката Милена Танаскоска, со која соработката трае веќе неколку години.

Таа се врати на македонската музичка сцена по пауза од две години, на минатогодишниот „Макфест“ со автобиографската и моќна балада „Денот што ни носи“, авторско дело на Лазар Цветкоски.

Преку „Денот што ни носи“ и „Глумиме“, Александра јасно покажува дека секој стих од нејзината музика е вистинска приказна и произлегува од емоциите кои ја обземаат. Како што вели таа, ова е само почетокот на нејзините неискажани приказни. Следуваат уште многу проекти кои ќе се најдат на нејзиниот втор албум.

До тогаш…  „Глумиме“… А, вие проследете и уживајте:

To top