Александар Тарабунов – Тара излезе дека во 2020та е највредниот меѓу македонски поп пејачи. Во оваа, по сите основи „промашена“ година, во време на корона пандемијата, кога естрадата е принудно „паркирана во лер“, Тара е еден од ретките кои застојот како дополнително да го инспирира, па овој вакум го користи неуморно да работи, да снима и издава нови песни.
По „Сењорита“, „Нема крај“ и „Дај ми“ и неодамнешната „Безвременска“, пејачот реши да сними уште една „безвременска тема“… Овој пат обработка на еден божиќен или подобро речено, вечен зимски евергрин, оригинално испеан од големиот пејач и актер Дин Мартин, темата со наслов „Let It Snow!“… или во слободен превод „Нека снежи“!
Кавер верзијата на Тара не само што звучи одлично, туку и многу специфично, па иако не е авторска песна, тој и дал свој печат, своја уникатност во интерпретацијата на големиот хит на кој одново му вдахнал нов живот, го променил во модерно аранжерско-продуцентско руво, давајќи му современ дух со кој за крај на годината, во празничните денови, како што самиот вели, се надева дека ќе шири позитива!
Инаку, „Let It Snow! “, е песна оригинално напишана од текстописецот Семи Кан и композиторот Џул Стајн и тоа не за врема на зима, туку среде лето, во јули 1945 година. Напишана е во Холивуд, Калифорнија, за време на еден ужасно жежок бран, додека Кан и Стајн си замислувале како би изгледал денот во постудени услови.
Слушнете како звучи преработката на Тара во едноставното симпатично видео со кое е илустрирана песната: