Александар Николоски, потпретседател на политичката партија ВМРО ДПМНЕ. Со политиката започнува уште како многу млад тинејџер, каде од својата 17-та година ќе биде претседател на Средношколската унија на Македонија. Ќе биде избран за претседател на Унијата на млади сили или младинската организација на партијата во која што членуваат сите кои имаат до 28 години. Во тој период успеаваат да станат најсилна младинска организација која за само една една година ќе собере 20.000 членови. Во 2006 година на негови 22 години станува најмладиот пратеник во Македонското собрание во историјата на Македонија и од тогаш започнува формално да дејствува во политиката.
„Причината поради која што решив да се занимавам со политиката, иако е многу неблагодарна професија, е можноста да оставите нешто за луѓето позади вас. Јас сакам да оставам нешто кое што ќе го паметат идните генерации. Да ја подобриме државата и да оставиме една трага во историјата“ – ја започнува својата приказна Николовски за мотивите што политиката ја одбрал за своја професија.
„Тогаш имав само 22 години и се’ уште немало помлад пратеник во Македонија. Ова беше навистина интересно и комплетно ново искуство. Младите го препознаа тоа, затоа што тогаш прв пат во политиката се даде шанса на млади луѓе. Претходно тоа биле сериозни господа, со сериозни фризури и костуми и немале многу чувство за младите. Лично ми беше тоа голем предизвик, ми се промени животот многу, како на професионален така и на приватен план. И покрај што бев млад во политиката, јас продолжив со мојот вообичаен живот“ – продолжува актуелниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Обврските во политиката бараат целосна и максимална посветеност, така што распоредувањето на времето за работата наспроти семејството, другарите, пријателите, па и времето одвоено за себе е вистинска уметност на балансирањето, за која Николоски вели:
„Многу сум благодарен на мојата фамилија, на пријателите и на сопругата што издржуваат и ме поднесуваат, зошто ако сакате да успеете во овој живот кој јас го водам, тогаш потребно е 24 часовна посветеност. Денот ми започнува околу 09:00 часот наутро и завршувам секој ден помеѓу 23:00 и 01:00 часот по полноќ. Тоа е темпо кое што не ви остава многу простор за фамилија или за пријатели. Од седум работни дена во неделата, јас работам сигурно шест, а некогаш и повеќе, но се обидувам неделното попладне да го поминам во одмор. Морам да кажам дека сопругата ми дава огромна поддршка и добро е што и таа има интензивно темпо на живот и се вклопуваме двајцата“.
Приватно, Александар вели дека денот го започнува со смути, потоа морам да се напие добро кафе, а зависно од интензитетот на дневните обврски, ручекот или вечерата со сопругата и предизвикот што ќе прави утре му ги полнат батериите и му даваат дополнителен адреналин.
Иако многумина имаат поинаква перцепција за него, Александар во суштина, приватно знае да биде многу забавен тип.
„Сакам хумор и забава, тоа ми е од дете и се трудам да го правам тоа на симпатичен начин за пријателите. Сакам хумор на моја сметка бидејќи сметам дека интелигентни луѓе се оние кои што можат да издржат ваков тип на критики“ – вели Николоски, кој во неформално потенцира делка го сака родниот Охрид и без него не може:
Се обидувам да одам во Охрид секогаш кога можам бидејќи таму живеат моите родители и родителите на мојата сопруга. Охрид го обожавам и навистина многу го сакам во секој период од годината. Таму пораснав и тоа ми е една убава духовна енергија“ – раскажува македонскиот политичар кој сега живее во Скопје, од кое пак пешачењето на Водно, ноќните излегувања, уживањето во добар пијалок и добра забава се’ уште ги практикува онолку колку што му дозволуваат обврските и времето.
За крај, Александар Николоски иако се’ уште млад, но доволно зрел и искусен политичар има своја порака за младите генерации кои доаѓаат:
„Би им порачал на младите да си ги следат соништата и да не зависат од никого и да не слушаат никого. Добро е да примаат совети, но на крај сами да си ги носат одлуките. Она што исто така им го препорачувам е што повеќе да се насочат кон науката и технологијата, бидејќи ако не ги следите, нема да можете да опстанете во ова општество денеска. Треба да бидат бунтовни особено кон нас кои се занимаваме со јавен живот и политика. Мора да не критикуваат и не смеат да ни кажуваат дека за се сме во право, бидејќи тоа е нешто што секого го уништува“.
Извор: Friday.mk