„Run n’ Hide“ e насловот на новата песна на македонското продуцентско трио BDM, која всушност е и прва соработка со машки вокал – Alex V.
„Run n’ Hide“ е трета песна на македонскиот бенд, овојпат направена во електронски амбиентален звук. Како и претходните две, и таа е испеана на англиски јазик, а е во издание на Paragon Record Label.
„Alex подолго време ни е соработник во тимот на Paragon Record Label, но тој првпат се појавува како главен вокал на една наша песна. Претходно работеше со BDM и продукцијата на Paragon како ghost writer. Музиката и аранжманот ги направивме ние тројца, а текстот е работен заедно со Аlex V“, велат момците од BDM.
Темата се промовира во исто време со видео запис, работен со режисерот Дарко Митев. Главната улога во кадрите ја има Maryse Jolene.
Овој новитет не е единственото нешто за момците од BDM, кои до крајот на годината го најавуваат проектот, односно деби албумот со наслов “State Of Mind” на кој ќе се најдат и претходните два сингла „Lее” – на кој им гостуваше Јова Радевска – Yova; и „U&I” што го снимија во соработка со пејачката од Јамајка, Khaleen.
„Музиката ја работиме на англиски јазик бидејќи Paragon Record Label овозможува музиката да ни биде чуена низ целиот свет и со самото тоа можеме полесно да се промовираме на светскиот музички пазар. Втората причина е што целта на овој бенд е да настапува на фестивали низ Европа и на останатите континенти. Но тоа што работиме на англиски не значи дека нема да снимаме песни и со македонски текстови“, додаваат од BDM.
Во текот на следната недела Paragon Record Label ќе го објави онлајн натпреварот на светско ниво за најдобар ремикс на Run n’ Hide. Победникот ќе добие директна промоција на својата музика од страна на Paragon Record Label и можност за понатамошна соработка со оваа издавачка куќа.
BDM е македонски бенд со екпирементален жанровски инфлуенс, а плановите на овие тројца момци се да направат нова димензија во музиката, во која секоја песна ќе биде приказна сама за себе. Со модерен звук и продукција, нивната цел е музиката да се крене на едно ново ниво. Мотивирани и фокусирани на самиот звук, BDM се стреми да стане светски продукт и во блиска иднина да остават свој белег и да се чуе што подалеку за нив.
Paragon Record Label, пак, е независна издавачка куќа, која комбинира љубов кон музиката и страст за квалитет во музичкиот бизнис. Посветени се на долгорочен развој на нови артисти, бендови и диџеи. Нивната мисија е да им обезбедат на своите соработници шанса да бидат слушнати на сите музички онлајн платформи за да можат полесно да се промовираат, но не само во Македонија, туку и на глобално ниво. Сите членови потпишани под Paragon Record Label можат да бидат чуени во светот преку најдобрите платформи за музички стриминг како што се iTunes, Spotify, Google Play, Apple Music, Deezer, Neurotic, Pandora, Shazam + 150 други платформи. Paragon Record Label има свое музичко студио за снимање со целосен спектар на музика, специјализирано за продукција, миксање, мастеринг, изведување, заштитување на авторски материјал, маркетинг, менаџмент и сите останати услуги коишто можат да бидат понудени од светски музички издавачки куќи.
„Врз основа на искуство во музичката индустрија и бизнисот, и со цел да им помогне на брилијантни уметници да го достигнат својот целосен потенцијал, членови на нашиот рекорд лејбл со кои неодамна работевме продолжија да потпишуваат големи договори, да обезбедат нивната музика да биде слушната на светски радија, да работат со текстописци од регионот и од целиот свет. А тоа е бидејќи нашата музика е достапна и може да се слуша низ целиот свет. Наша мисија е да обезбедиме свежи идеи, можности и искуства за уметниците, следејќи ги современите трендови во музичката индустрија“, велат од Paragon Record Label.