Ништо лично ништо лично

Завеса од магла

Завеса од магла

Неспособноста и безидејноста, очајниот кадровски кастинг, немањето проекти, странски инвестиции, задолженоста до гуша во кредити… И уште илјада и една секојдневна афера, скандал, неуспех на домашно поле или тазе шлаканица од Европа, на власта и создава дополнителни фрустрации.  Станува се понервозна, па старите комплекси ги мултициплира, барајќи го спасот во создавање на „завеса од магла“.  Дефокусирање на јавноста од суровата реалност со нови измислици, со кои се обидува да ги замајува граѓаните, додека новото  ѓубре не го скрие под тепихот на заборавот.

За жал, ниту Заев, а уште помалку некој од неговите „политички пушачи“ што му јадат од рака, не се свесни за штетата  што и ја нанесуваат на земјата и злото што го предизвикуваат, вбризгувајќи му ново количество „зла крв“ на ионака поделениот и раскаран Македонски народ.

Нивната „завесата од магла“ не само што не го задскрива нивното очајно владеење, туку го гуши и она малку надеж, верба и оптимизам што останало. Зашто низ маглата и може некако да се гледа, но во неа тешко се дише. Од едната страна општа апатија и убиствена безнадежност, од  другата очај, сиромаштија и тотална бесперспективност. Помеѓу нив мрачен тунел со застојана вода до гуша… Бара, полна со крокодили!

Отруена нација која повеќе во ништо не веруваа,  во поим убиена младина која во ништо не ја гледа својата перспектива, сопствената иднина, освен во излезот за бегство… Од земјата или од реалноста! Во бугарски пасош или во пороци, проституција и криминал… Зашто додека за едни нема ни за леб, за други има секоја вечер за шише „блек Џек“  или „Моет“ во кибла со мраз, едно-две  „полчиња бело“  на маса и две-три евтини провинцијалки во сепарето!

За џез фестивал нема пари, ама за Цеца и Жељко, има по стоти пат, за настап на секој маалски плоштад или скара приредба!

Затоа стотици  млади луѓе секојдневно заминуваат од Македонија, додека најпосетувани „институции“ во земјата стануваат обложувалниците. Секојдневно се затвораат дуќани и продавници, а на нивно место никнуваат мини казина, кладилници, кафеани…

Наместо да почне да се санира вредносниот систем, да се интегрира опшеството, тоа уште повеќе се разградува, се дели и раслојува во секој сегмент, со секој потег на власта.

Наместо да се финансира повеќе во скапи лекарства, ретки болести, инвалидски помагала, импланти… се купуваат лубриканти… Наместо пари за лечење дечиња во странство,  со фондовски средства се нуди промена на полот, наместо  поддршка на семејните вредности, подршка за парадата на гордоста, наместо вработување за најдобрите студенти, вработување за  децата на  „партиските експоненти“…

Младите не влегуваат во брак, зашто одржливоста на бракот без вработување на обата партнери и свое живеалиште денес  е „невозможна мисија“. Срамно и понижувачки е во 21 век да кажеш дека живееш со свекрва или си домазет? Пред  само 50-ина години за стара мома ја сметале онаа која во село нема да се омажи до 25-ата година, а денес за млада градска женска  важи 35 годишна девојка?! Затоа љубовта и се сведува на лајкови на социјалните мрежи, а Фејсбук и Инстаграм им се најдобрите пријател(к)и на младите!

И во вака уништениот систем на вредности, најголемото достигнување на Заев и власта со помош на нивните полициско-судски  вазали се секојдневните прогони, апсења, притвори, линч и изживување врз луѓе без докази… Утрото наместо да започне со она што е направено, изградено, испланирано, која и каква странска инвестиција е договорена, какви економски резултати се постигнати… започнува со вести кој со лисици е одведен од дома во станица, пред  јавен обвинител, на суд, во притвор…!

Македонија денес се повеќе  личи на Шпанија од времето на диктаторот Франко или Чиле од времето на хунтата  на Пиноче…

Божем апсат  за криминал, а криминал секој ден гледаме како „извира од главниот извор на власта, а Бога ми и од секое второ, општинско „тасино чешмиче“.

Се местат  тендери, царуваат корупцијата и непотизмот, се рекетира секој што ќе крене глава и барем малку ќе покаже успех, резултат…  Невработеноста расте, а платите стојат во место, додека нивната вредност  „ја топи како свеќа“ порастот на цените и елементарните трошоци за живот, ставајќи го животниот стандард под границата на достоинство за нормален живот.

А тие упорно ја простираат својата „завеса од магла“ зад која тврдат дека се’  блеска! Блеска… Ама, само за оние – нивните, за кои „дојде живот“!

Но, едно не смее да се заборави:  Блеска и молњата… Ама,  веднаш потоа удира громот! И нема сила што ќе го спречи! Најмалку нечија „завеса од магла!“

 

To top