Драги наши,
Запишете го 7-ми јуни во вашиот календар како ден за музика, уметност, убавина, поезија и хуманост! Ве покануваме на уште едно големо случување на Центар за обука ЕВА, заокружување на 8-мата година постоење со неколку настани. Ноќта ќе ни започне со КОНЦЕРТ на учениците од Школата за музика па ќе продолжи со ИЗЛОЖБА на ликовни дела на учениците од Школата за цртање сликање и дизајн, изложба на фотографии од шминка и фризура на студентите од Школата за убавина и ПОЕЗИЈА.
Како и досега и овој настан е хуманитарен, нашите студенти ќе свират, пеат и изложуваат со цел со својата уметност да придонесат за нечие добро. Донираме за кров, за дом! Со вашата доброволна донација на влез донирате средства за помош на семејството Василевски од Куманово, кое има две малолетни деца и живее во лоши услови.
Истовремено, во Центар за обука ЕВА имаме кутија за донации и со секој уплатен курс во готово во тек на овој и следниот месец, одвојуваме средства за помош на семејството.
Приклучете се!
Факултет за музичка уметност – Скопје, Голема сала, 7-ми јуни
Концерт: 19.30
Изложба: 21:00
УЧЕСНИЦИ:
Музичари:
Теодора Спиридонова, Ангелина Дулева, Деница Батковска, Андреа Младеновска, Предраг Станковиќ, Иван К’сљовски, Давид Иљов, Надја Иљов, Дамјан Алексоски, Леандра Амети, Ева Наумовска, Филип Лазов, Ерин Селим, Слаѓана Тасева, Леарт Амети, Ангела Ѓоргиевска, Ева Негриевска, Ана Стевковска, Нино Наумовски, Јана Масларова, Јарослава Ѓуричиќ
Во класата на професорите: Теодора Нарашанова (пијано), Ѓорѓи Миладиноски (гитара), Билјана Камчева и Марија Наумовска (соло пеење)
ТУРА ЛИТЕРАТУРА
Елена Пренџова Брит Лилит (слем)
и Ирена Јурчева (поезија)
ИЗЛОЖБА
Сликари:
Ања Брашиќ, Ана Шаневска, Симон Јовановски, Магдалена Сталеска, Анастасија Трајковска, Теодор Велевски, Александар Ацески, Максимилијан Ниотис, Димитар Шекутков, Калина Караманолевска, Ева Наумовска, Ирина Лазова
Во класата на професорката: Иванка Ниневска
Фризери:
Анмша Кајтаз, Лилјана Венова, Македонка Горбашлиева, Рената Ѓорѓиева, Жаклина Ќаева
Ментори – предавачи: Ерол Куч и Даниел Артевски
Шминкери:
Мариче Јакимовска, Марија Милановска, Рамиза Асани, Алејна Мусевска, Сара Ѓурчевска, Марија Ставревска, Катерина Бојаџиева, Пандора Коларовска, Елена Бегова, Арбена Ризмани, Ангелина Трајаноска
Ментори- предавачи: Теа Панова и Јована Коциќ
Фотографиja на плакат и фотографии од едиторијал: Александар Томовски / Tomovski Photography
ДА ПОМОГНЕМЕ НА ЧЕТИРИЧЛЕНО СИРОМАШНО СЕМЕЈСТВО
17-ти мај, попладне после работно време.
Возиме накај Куманово со чувство на некаква одговорност, а истовремено и радост, дека тој ден го посветуваме да усреќиме едно семејство и да придонесиме барем малку за нивниот добробит тој ден.
Таткото на семејството кое одиме да го посетиме, некоја недела претходно не’ беше исконтактирал на нашата FB страна за да побара каква било помош за своето семејство, по што го исконтактиравме телефонски и дознаваме дел од неговата мака и тешко живеење.
Решивме да помогнеме, за старт со донација на храна, облека, играчки за децата и да им донесеме топол оброк. Но сакавме и да го запознаеме семејството одблиску, да поразговараме со нив и да видиме со што се соочуваат.
Возејки, во кола дискутиравме, онака, отворено, човечки, со измешани чувства и разни мисли кои како надоаѓаа така беа вербализирани без цензура. Чувства, де на тага за судбината на семејството Василевски, де на лутина поради нефукционирањето на институциите кои треба да се грижат за ваквите случаи, де на длабоко сочувство кога пробавме да се ставиме во нивна кожа, де на одговорност дека како луѓе, но и компании треба и можеме многу повеќе, де на свесност дека треба да го цениме она што го имаме и да ги учиме нашите деца на емпатичност и почесто да го споделуваат она што го имаат итн.
Но ќе бидеме неискрени ако кажеме дека за момент не ни пролета мисла “Зошто не направиле повеќе?” Тоа е тоа со предсрасудите, драги луѓе. Судиме пред да знаеме и да се потрдуиме да разбереме. И секогаш поаѓаме од својата гледна точка, својата позиција, својата перцепција, своите искуства, без да сме свесни во тој момент дека туѓите се поинакви. Одговорите ги добивме кога стигнавме.
Семејството Василевски, кое брои 4 члена, таткото Трајко, мајката Стефанија и двете малолетни деца, Габриела 8 години и Меланија 3 години живеат во многу лоши услови. Двајцата родители, од кои таткото има проблеми со срцето, се невработени, а едно од децата има проблеми со слухот поради, како што ни кажаа, нелечени ушни инфекции и некаква докторска грешка.
Низ емотивниот разговор со Трајко сфативме дека тој за разлика од повеќете од нас ги немал истите можности и животот бил тежок за него уште од мал. Ги изгубил двајцата родители кога бил дете и станал штитеник во дом за деца без родители. Потоа во еден период од неговиот живот бил бездомник неколку години и буквално преживувал од ден за ден.
Куќата успеале некако да ја направат со парите кое ги заработиле со сопругата кога биле азиланти во Германија. Сирак, потоа бездомник, без никој на кого може да се потрпе, без основно образование и писменост, без посебни вештини, болен од срце со неможност да прима редовно терапија, на социјална помош од, како што кажува, 2800 денари месечно, треба да се грижи за своето семејство.
Не’ пречекаа со насмевки и искра надеж дека може да придонесеме да се решат некои нивни проблеми.
Затекнавме куќа која е во лоша состојба, кров кој прокиснува и им го преплавува домот во периоди на дождови и снег, дом кој ги нема потребните услови за достоинствен живот, купатило кое нема плочки, нема мијалник, нема туш кабина, дом кој нема машина за перење алишта и во кој хигиената е на ниско ниво, нема фрижидер за чување на храната, дом во кој нема потребен мебел а алиштата се на куп во собчето до кое спијат итн. Дом во кој се живее од ден за ден, на милоста на секој што сака да помогне.
Кога го прашавме Трајко дали и што би можел да работи ни кажа дека долго време веќе не може да најде работа и дека се соочува со дискриминација поради своето минато. Тешка физичка работа не е во можност да работи поради тоа што има проблеми со срцето, а работа што бара писменост не е кадарен да работи бидејќи не завршил ни основно образование. Додатно, здравјето му е отежнето бидејќи не може да ја зема ни потребната терапија што му е препишана од срцето поради немањето финансии. Тој е волен да работи, ако се најде нешто што би можел да работи.
За среќа, неговата сопруга, Стефанија, е здрава, работоспособна и желна да работи и заработува за семејството, така што би испратиле апел за нејзино вработување.
Габриела, осумгодишното девојче кое има ведар дух и многу сака да пее, понекогаш и не оди редовно во школо поради тоа што нејзините родители немаат пари да и’ дадат за ужинка или за потребните активности, а често оди и се враќа од школо гладна. Меланија, тригодишното девојче, се’ уште не оди во градинка, да си игра со врсници и да се социјализира бидејќи родителите не можат да платат.
Но, сите ние можеме да помогнеме.
Направивме листа од она што во разговор со нив им треба!
Како можеме да помогнеме? Ова е мал дел:
- Да собреме средства да се направи кровот од куќата и да биде оневозможено прокиснување
- Да се најде работа за жената (на пример, би можела да работи како хигиеничарка)
- Да собереме средства да се поплочи купатилото (плочки и лепак веќе добиле од претходен донатор)
- Да се донира фрижидер
- Да се донира мебел за чување на алиштата
- Да донираме храна која не е расиплива
- Да донираме облека и обувки за нивните деца
Доколку можете и сакате да помогнете, бројот за контакт на Трајко Василевски од Куманово е 078/646 728.
Центар за обука ЕВА слично на сите претходни хуманитарни акции, донесе Одлука за донација на Василевски и почна акција за собирање средства за помош на семејството, со тоа што од секој уплатен курс во готово во ЕВА издвојува од 100 до 500 денари од уплата, зависно од курсот.
Исто така, претстојната Завршна манифестација на ЕВА, завршниот концерт, изложба и поезија се во знакот на ова семејство и со крајна цел, да собереме средства кои ќе им ги донираме. Секој посетител на влез доброволно донира најмалку 100 денари.
Децата и родителите во ЕВА започнуваат со собирање на потребна облека и обувки.
Бидете хумани и дојдете ни на 7.6.2019 на КОНЦЕРТ, ИЗЛОЖБА И ПОЕЗИЈА на Факултет за музичка уметност, Голема сала во 19:30 часот!
Линк од настанот: https://www.facebook.com/events/440146520132614/
Што и да правите, прашајте се, како денес можете некому да помогнете? А можете неверојатно многу!
Вклучете се и придонесете!
Благодарност досега на Љупка, Горан, Теодора, Ангела и Кика за придонесот.
Фотографии: Centar za obuka EVA и Kika Aveiro