Патот на љубовта е чуден. Не признава ниту раса, вера, националност, професија… Тоа безброј пати се докажало, па таква е и нивната љубовна приказна. Таа Македонка, тој Србин. Таа новинарка, тој музичар. Таа информативец, тој забавувач. Таа оратор, тој дувач. Таа пред камерите и микрофонот, тој на сцената пред публиката. Единственото нешто што ги спојува е јавноста на нивните професии. Новинарската и естрадната.
Анита Петровска, информативен новинар и уредник, најчесто по македонските телевизии. МТВ, Канал 5, 24 Вести, ТВ Нова… Едно од оние профилирани новинарски лица чиј збор има тежина, лик на кој му се верува. Колку сериозна и концизна, толку шармантна, згодна и убава.
Александар Рајковиќ, музичар. Трубач во „Оркестарот за свадби и погреби“ на мегапопуларниот Горан Бреговиќ.
На македонската јавност и стана попознат не заради бракот со новинарката, туку заради скандалот при соработката на проектот „Балканистика“ со Марко Маринковиќ – Слаткаристика, кога тој ги објави неговите песни без согласност на српскиот музичар.
Нерасчистените должничко-доверителски обврски околу авторството и авторските права направија песните да бидат објавени, па преку ноќ повлечени, а недоразбирањата да бидат отпосле решавани. На суд или договорно – само тие двајца знаат!
Анита и Александар навидум два различни света. Но, едно познанство, една средба ќе ги спои и ќе ја разбуди најпрвин љубопитноста, а потоа и разгори и распламти љубовта и…
Новинарката и музичарот ќе застанат пред вратите на олтарот, впловувајќи во брачните води.
Иако обете професии се доста напорни и захтевни, бараат многу посветеност, откажување од приватноста, долго отсуство од дома и баеги потрошено време, сепак нивната љубов трае. И тоа цели 11 години.
Музичарот е најчесто отсутен од дома заради тоа што шефот Бреговиќ и неговиот оркестар имаат над 100 концерти годишно ширум светот, што значи секој трет ден настапуваат, а секој втор ден некаде патуваат.
Сепак, кога не е со него, како верна „Пенолопа“ неговата Анита го чека својот музички „Одисеј“ да се врати дома. А секогаш кога ќе се заедно, љубовта одново и одново се распламтува, зашто за 11 години брак, веројатно обајцата знаат како да и додадат ново жарче, при секое ново гледање.
Токму затоа Анита на својот Фејсбук профил објави еден цел фото колаж, еден омаж од нивните 11 години „ Love story“, на кој низ фотографии се потсети и себе си, саканиот, своите блиски, а и јавноста дека само љубовта ги победува и надминува сите препреки и граници.
Ако е така, нека им вечна и среќна годишнината!