Јавноста го памети како еден од најдобрите ТВ презентери на вести уште од времето на А1 телевизија, па потоа преку Канал 5, Алфа, РСМ и одново Алфа… И не само како радио и ТВ спикер, туку и новинар и уредник на вестите.
Лазар Темелков или како што колегите го нарекуваат Лазе, не е од оние ТВ ликови кои сакаат да се експонираат надвор од работата и повеќе од потребното. Токму затоа својот приватен живот грижливо го чува за себе и најблиските, не обзнанувајќи речиси ништо од својата интима.
Сепак, постојат некои работи, има некои нешта во приватниот живот, кои се вредни да се одбележат, а и јавно да се обзнанат. Особено ако се од лична природа и не се случуваат секојдневно. Како на пример, одредени годишнини или јубилеи…
Токму еден таков деновиве славеше човекот од информативната редакција на ТВ Алфа… Цели 25 години заедно, ама не со микрофонот туку со сопругата. Четврт век заедно со својата брачна сопатничка. Сребрена свадба со својата животна избраничка. Период во кој многу од брачните двојки минуваат низ разни „сцили и харибди“, различни премрежја, периоди, фази… Ама, ако љубовта, почитта и разбирањето се темелот, трите столба кои ја држат основата на брачната заедница, бракот ќе опстане, ќе се развива и продолжи да „цвета“!
„25 години… Ги видовме сите 4 годишни времиња, сепак претежно сончево“ – искрено напишал покрај споделената фотографија на својот Фејсбук профил Темелков. А на неа првиот брачен бакнеж на младоженецот и невестата. Бакнеж, од кој произлегува љубов, чиј производ е и прекрасната убавица на брачната двојка, нивната ќерка Ева.
Бакнеж кој веруваме дека и по две и пол децении ја има истата она моќ да предизвика некогашниот младоженец и денес да го полазат морници од возбуда, а на тогашната невеста и сега да и заиграат „пеперутки во стомакот“!
Епа, нека им е со среќа и да си дочекаат златна, па и дијамантска свадба, зошто да не? А прогнозата? Сончево и топло – до крајот на животот!