Мегафон

Вината на „Тиквеш“ со 15 награди и признанија на најголемиот светски вински натпревар „Декантер“

Вината на „Тиквеш“ со 15 награди и признанија на најголемиот светски вински натпревар „Декантер“

Вината на „Тиквеш“ и ‘тероар’ вината од новата бренд-платформа „Tikves Chateaux & Domaines“ забележаа одличен успех на еден од најголемите и највлијателни светски вински натпревари – „Decanter“, кој по 16-ти пат се одржува во Лондон. Врвното црвено ‘тероар’ вино „Барово“ од бербата 2016-та и оваа година освои златен медал во конкуренција од над 16.500 вина од 57 земји, што претставува факт кој сам по себе најдобро ја отсликува големината на овој успех.

Црвеното „Барово“, од бербата 2015-та пак, освои злато и на минатогодишниот „Decanter“, што му овозможи влез во специјална оценувачка сесија на која, од страна на стручното жири на натпреварот, му беше доделен плaтинест медал, со што ова врвно македонско вино беше издвоено од сите останати добитници на највисоки награди.

Дека оценувачкото жири на „Decanter“, кое оваа година беше составено од дури 280 вински експерти, високо го цени квалитетот на сите вина на „Тиквеш“, покажува и вкупната бројка на наградени вина која на годинешниот напревар се искачи на 15. Имено, покрај златниот медал за црвеното вино „Барово“, на годинешниот светски вински натпревар „Decanter“, сребрени медали освоија четири врвни вина и тоа: „Vranec Special Selection 2017“, „Sauvignon Blanc Special Selection 2018“, „Domaine Lepovo Pinot Noir 2016“ и „Domaine Lepovo Grand Cuvée 2016“, а дополнително уште четири други вина се наградени со бронзени медали. Тоа се: црвените вина „Alexandria Cuvée 2017“, „Alexandria Classic 2017“, белото „Muscat Ottonel Special Selection 2018“ и розе виното „Domaine Lepovo Rosé 2018”. На овој натпревар, шест врвни вина на „Тиквеш“ и „Tikves Chateaux & Domaines“ добија специјални пофалници, и тоа: „Viognier Special Selection 2018“, „Temjanika Special Selection 2018“, „Merlot Special Selection 2017“, како и белите ,тероар’ вина „Барово“ и „Бела Вода“ од бербата 2018-та.

Со овие признанија вкупниот број на освоени награди за вината на „Тиквеш“ на најпрестижните светски вински натпревари, кои во текот на пролетта традиционално се одржуваат на европскиот континент, се искачи до бројката 37. Ваквата импозантна бројка на освоени награди претставува ново одлично достигнување кое наговестува дека и оваа година вината на „Тиквеш“ и новата бренд-платформа „Tikves Chateaux & Domaines“ ќе го потврдат, а можеби и ќе го надминат сопствениот рекорд од минатите години кога освојуваа и по 60-тина високи признанија на најспрестижните светски винските натревари кoи се одржуват во текот на целата година.

To top