Македонската реге/рага/ска/рап дружина „Брука“ минатата година го промовираше своето првенче насловено „До преѓе“, а материјалот ќе биде и концертно претставен на 28 мај во МКЦ. На изданието се сместени вкупно 10 песни, вклучувајќи ја и последната „Кривина“, која со видео беше претставено неодамна.
„Ние од наша страна ќе подготвиме двочасовно, музичко, автохтоно, македонско реге, позитивна вибрација и многу изненадувања, од вас се очекува да дојдете и да уживате во звукот и атмосферата на единствената група БРУКА, која ќе се претстави во полн состав: два вокали, гитара, бас, тапани, перкусии, клавијатури, труба, алт-сакс, тенор-сакс, тромбон, ќе се свират песните од нашиот прв албум, но и некои нови од престојниот втор кои се во процес на создавање. Секако дека ќе има и поддршка од неколку диџеи, како и специјални гости музичари кои биле и се дел од ова наше битисување“, порачуваат музичарите, а билетите се веќе пуштени во претпродажба во билетарницата на МКЦ, додека на самиот ден на концертот влезниците ќе бидат за 30% поскапи.
Како најава за самиот концерт албумот деновиве беше објавен и на Јутјуб, а во продажба е и како цеде по промотивна цена.
Музиката е на јадрото на бендот: Дарко Масларковски (вокал), ЖаркоМасларковски (вокал), Љубиша Симоновски (тапани), Александар Савовски (гитара), Валентин Видовиќ (алт и тенор-сакс), Зоран Велковски (бас-гитара). Аранжманите се на бендот, додека текстовите ги потпишуваат Дарко и Жарко. Албумот е сниман во студиото „Алшар“ на Ивица Јанкуловски – Штраф, кој се потпишува како продуцент, како и микс и мастер на композициите. Во албумот ќе слушнете весели мелодии, реге-грув, хумористични и саркастични лирики со широка тематика која го опишува и исмева животот и ситуации типични за Македонија.