Пред повеќе од дваесеттина години таа го испеа својот најголем хит „Eм го мразам, ем посакувам“ со кој остана запаметена на македонската фолкестрада, а сега Елизабета Јосифовска повторно со истата песна се враќа на музичката сцена.
„Песната доби и спот неодамна. Се снимаше во Охрид, мојот омилен град каде што живеев долги години. Идејата тлееше одамна. Уште тогаш сакав да направам спот, меѓутоа некако се’ се пролонгираше, па заминав во Австралија, но желбата сега, после толку години ми се оствари на инсистирање на многу луѓе кои ме убедија да направам спот, зашто се’ уште ја сакаат таа песна“ – истакна Елизабета во гостувањето на една ТВ емисија.
„Ем го мразам, ем посакувам“ е дело на маестро Горан Алачки (музиката и аранжманот), а стиховите тогаш ги напиша за жал покојниот Владимир Нејашмиќ – Бато. Во периодов што следува Елизабета најавува и нови песни со кои на голема врата се враќа на естрадната сцена.
„Сакав со оваа песна која беше своевремено хит, повторно да се вратам на сцената.
Едвај чекав, меѓутоа нема да биде само овој спот. Се снимаат и нови песни и тоа во студиото “Лунар акустикс”. Снимам заедно со мојот син, а во најскоро време ќе можете да слушнете некои од нив“ – додава Елизабета.
Во меѓувреме потесетете се на песната „Eм го мразам, ем посакувам“, која Елизабета Јосифовска ја отпеа во далечната 1996 година на фолк фестивалот „Тримери“ во Струмица и погледнете го видеото направено речиси 23 години подоцна за истата, во изработка на „Шпанец продукција“.